Срам, збунетост, страв, „личен проблем“ и „сега си жена“ – првите искуства со менструацијата кај нас најчесто не се радосни сеќавања

„Беше доцна пролет, црешата во дворот беше спремна за берење, а јас многу ги сакав. Бев дете од трето одделение, со леснотија се испентарив на црешата, седнав на една гранка и си јадев, си сањарев, па на друга гранка, траеше… многу изедов. Се симнав од дрвото прејадена, отидов во тоалет и нешто чудно се случи. Ја викнав мајка ми на цел глас, таа дојде, јас и ги покажав гаќичките со слончиња и ѝ реков: „Види, гаќите ми се цели црвени од што се прејадов цреши!“.

А мајка ми: „Какви цреши што зборуваш? Имаш мензис!“

Јас: „Не, ти и даде имате бензис, јас јадев цреши!“

На мајка ми и требаше доста време да ме убеди на 9 години дека имам менструација. Откако го прифатив тој факт, побарав влошки со мечиња. Тогаш добив страшен одговор: „Нема повеќе мечиња сега си голема девојка!“. Сѐ уште не разбирам и на 29 години зошто нема влошки со мечиња? И што има врска тоа дали сум голема или мала? Мене ми беа потребни влошки со мечиња.“

„Па почна како и секој обичен училишен ден. Тој ден имав спорт и како голманка се фрлав кон топката само да не влезе во голот. Се случува повеќе пати да добивам удари по стомакот, но овој пат беше поразлично затоа што силно го удрив стомакот од стативата. Болеше но продолжив со бранење. Подоцна одејќи кон дома почувствував страшна болка во стомакот што малку ме загрижи. Кога стигнав дома видов дека сме имале гостинка, ја поздравив и се упатив кон тоалетот. Болката се зголемуваше и чувствував како во внатрешноста полека органите ми се отсекуваа, а јас ништо не можев да направам. За малку ќе паднев во несвест но кога ја крвта на гаќичките се скаменив. Помислив дека имам внатрешно крварење и дека умирам. Изгубена во просторот и времето само знаев дека некако требаше да стигне таа информација до мајка ми aka медицинската сестра која сигурно знае што да се прави. Ги наполнив гаќите со тоалет хартија (можеби и цела ја потрошив) и со надеж за помош се упатив кон нејзе. Исто како машко чии тестиси биле само малку чепнати, се движев со нозете залепени една до друга едвај правејќи чекор. Стигнав до дневната каде мајка ми и гостинката беа седнати и правеа муабет и ѝ мавнав на мајка ми да дојде до мене. Заинтересираната гостинка за туѓите животи и тишината не ми одеа во прилог затоа што речиси извикав: „Изгледа умирам. Имам внатрешно крварење, денес многу силно го удрив стомакот од стативата. Многу ме боли стомакот и крв има на гаќите“. Мајка ми се насмевна и ми шепна дека имам добиено.“

Ова се дел од искуствата за првата менструација објавени во истоимената збирка приказни во која седумдесетина девојки го раскажуваат моментот кога за прв пат ја добиле својата менструација. Збунетост, нејаснотии, страв, болка, срам, неизвесност и малку информации се присутни во голем број приказни на девојките.

Основачките на иницијативата PERIOD Skopje кои ги собраа приказните и ги уредија во една збирка ја истакнуваат важноста да се зборува за првите искуства со менструалниот циклус и за човечкиот аспект на раскажувањето приказни со цел тоа да не прерасне во траума. Збирката беше промовирана на овогодинешното одбележување на Денот на менструално здравје во МКЦ под слоганот #ПрваМенструација во организација на здруженијата „Тиииит! Инк.“, „ПЕРИОД.Скопје“ и ХЕРА. За време на промоцијата беше спомената и Сеопфатната студија за пристапот до менструална хигиена за која се разговараше на минатогодишната конференција „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“. Како главен фокус на овој настан беше поставувањето на диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена и со оваа акција МКЦ стана првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти.

Според сеопфатната студија од 2021 година „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Северна Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, 48 проценти од ученичките велат дека биле воспитувани дека е срамота да се случи да „ти протече“ или да имаш дамки од менструација на облеката. Според студијата, секоја петта средношколка, барем еднаш во животот, се нашла во ситуација да нема пари да купи производи за менструална хигиена и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија, весници или со нешто друго. Според добиените податоци, грижата за менструалниот циклус поврзана со набавка на комерцијални производи за менструација и лекарства против менструална болка, во текот на репродуктивниот период, во просек една жена ја чини 199.569,6 денари.

Организаторите на настанот #ПрваМенструација велат дека обезбедувањето на пристап до бесплатни менструални продукти е еден од начините за да се искорени менструалната сиромаштија и да се обезбеди достоинствено менструирање.

„По поминати три години од сеопфатната студија за менструална правда во нашата држава, само еднa од вкупно 9 прeпораки за подобрување на менструалната стигма и сиромаштија беше исполнета. Поддршката од институциите и одлучувачките тела се од суштинско значење за целите кон кои се бори движењето за менструална правда – еднаквост, информираност, нормализирање на табуата, обезбедување на безбедна средина за сите кои менструираат. Водејќи се од позитивни примери и успешни иницијативи и практики во други земји, се надеваме дека ова право, а не привилегија, ќе биде достапно за сите лица кои менструираат во земјава и дека оваа акција ќе биде поттик и мотивација за да започнат да ја практикуваат и останатите релевантни установи и институции низ градот Скопје и низ целата земја!“, истакнаа на настанот.

Теодора Милеска, една од основачките на PERIOD Skopje вели дека во однос на локално ниво како добра иницијатива беше иницијативата на Град Скопје пред две години, која за жал не успеа да се оствари, а тоа беше буџетска ставка за да бидат достапни бесплатни менструални производи во средните училишта.

„Се сеќавам дека уште тогаш постоеја коментари од различни општини дека не треба да е само во Скопје и тоа е точно, но важно е секој граѓанин и секој кој учествува во политичкиот живот на Македонија да заземе став во однос на менструалната сиромаштија за да се крене свеста особено кај тие што се дел од советите и кај градоначалниците на оваа тема. Покрај достапноста на бесплатни менструални производи во основните и средните училишта важна е и едукацијата и отттука ги советувам професорите и наставниците дека има низа ресурси кои се достапни и онлајн дали преку ХЕРА или PERIOD Skopje и кои може да се користат за информирање и едукација на учениците, а ние стоиме на располагање за надминување на оној јаз во знаењето и во преведување на знаењето што ние го имаме“, вели Милеска.

Иако од почетокот на годинава се имплементираше намалувањето на ДДВ-то на производите за менструација од 18% на 5%, сепак инфлацијата и покачувањето на цените на производите не го имаа посакуваниот ефект на намалување на влошките и тампоните низ маркетите.

Теано Кардула, графичката дизајнерката која стои позади дизајнот на збирката и визуелниот идентитет на настанот вели дека иако генерално западниот свет е поотворен за оваа тема за разлика од кај нас, сепак се уште нема доволно примери за визуелна репрезентација на менструацијата.

„Најчесто гледаме и по реклами дека тоа е сина течност и во маркетингот не е прикажано како што вистински е, бидејќи самиот процес не е романтичен но сепак е важно да се зборува за менструацијата. Инспирацијата за дизајните одеше во насока да биде подеднакво визуелно пристапно и за помладите и за постарите. Да можат и на посимпатичен начин да го прифатат и сфатат дизајнот, а од друга страна да видат дека не е тоа само цвеќиња, розево и најубаво на цел свет“, истакна Кардула.

Таа ја истакна важноста за инклузијата во менструцијата и предизвиците со кои се соочуваат и жените и девојките со атипичен развој и попречености.

„Многу ми е мило дека за прва менструација за прв пат се зборува отворено, но исто толку важно е да се зборува и за инклузивноста во самиот тој процес бидејќи предизвикот со кој се соочуваат семејствата, девојчињата, жените кои се со атипичен развој или некаква физичка попреченост е многу важно да се вклучи во јавната дискусија. Тој процес потребно е да го олесниме бидејќи жените и девојките најчесто се под медицинска терапија со цел да го избегнат самиот процес поради нивната состојба. Мислам дека чекор по чекор одиме понапред и мислам дека многу млади прво ќе почнат да зборуваат за првата менструација, а потоа и за останатите проблеми со кои се соочуваме“, вели дизајнерката.

Меѓу препораките кои резултираат од студијата, освен детабуизирање на менструацијата и ослободување од дискурсот на „срамота“ преку едукативни кампањи и јавни дебати за менструална правда, потребна е и едукација на стручните служби и воспитно-образовниот кадар во училиштата. Исто така, меѓу другото, неопходно е и подобрување на јавната инфраструктура и градење на нова родово-сензитивна инфраструктура – односно проектирање, реновирање и изградба на достапни, чисти и безбедни јавни тоалети (вклучително и тоалетите во училиштата) што одговараат на потребите на девојките, жените и девојчињата.

Марта Стевковска

 

Back to top button
Close