„Срамни услови во Скопје“ – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација

Претседателот на Италијанската теквондо федерација, Анџело Чито, остро ја критикуваше организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), кој оваа година се одржува во Скопје. Во изјава за италијанската новинска агенција АНСА, тој го нарече натпреварувањето „сценарио какво не очекувал да го види во 2025 година“, нарекувајќи ги условите „срамни“, објави 4NEWS.mk

Чито истакна дека, и покрај тешките околности, италијанските теквондисти успеале да освојат три медали и покажале исклучителна пожртвуваност.

„Децата го заслужуваат моето длабоко признание. Не само поради освоените медали, туку затоа што се натпреваруваа храбро, во објекти во распаѓање, со чест прекини, без струја и без минимални хигиенски услови. На речиси 50 степени Целзиусови снема струја, па климите не работеа. Ова не смееше да се случи“, рече Чито.

Неговиот гнев беше насочен кон организаторите, за кои рече дека не понудиле ниту минимум стандарди за меѓународно спортско натпреварување.

И покрај лошите услови, ЕМОФ донесе солидни настапи за македонското теквондо. Репрезентацијата ја претставуваа тројца натпреварувачи, а најдобар пласман оствари Душица Бресалиева, која стигна до борбата за медал.

Потсетување: по олимпиското сребро на Дејан Георгиевски во Токио 2020 и настапот на Милијана Рељиќ во Париз, ова е уште еден чекор напред за македонското теквондо. Но, останува прашањето: дали спортските херои заслужуваат вакви услови?

Извор: 4news.mk

Back to top button
Close