Србија бележи најнизок мигрантски притисок од 2015 година, расте бројот на економски мигранти

Комесарката за бегалци и миграција на Србија, Наташа Станисављевиќ, соопшти дека во текот на 2025 година во центрите за прием и азил биле регистрирани само 9.500 мигранти. Таа оцени дека ова е најнискиот мигрантски притисок врз Србија од почетокот на кризата во 2015 година.

Станисављевиќ истакна дека државата активно им помага на бегалците, внатрешно раселените лица и оние кои се вратени врз основа на Договорот за реадмисија. За оваа намена во 2025 година се издвоени вкупно 540 милиони динари (околу 4,6 милиони евра) за станбено згрижување, како и за дистрибуција на огревно дрво и пакети со храна.

Сепак, Радош Ѓуровиќ од Центарот за заштита и помош на барателите на азил, во изјава за агенцијата Бета по повод Меѓународниот ден на мигрантите – 18 декември, изнесе нешто поинакви проценки. Според него, во секој момент во земјата нелегално престојуваат меѓу 700 и 1.000 лица, а се проценува дека низ Србија годинава поминале најмалку 35.000 луѓе.

– Низ Србија не поминуваат само бегалци, туку има и континуиран прилив на легална работна сила, бидејќи економските мигранти сè почесто доаѓаат поради хроничниот недостиг на локални работници, изјави Ѓуровиќ.

Тој посочи дека во земјата има над 40.000 руски државјани и над 6.000 Украинци, кои поради јазичната и културната блискост побрзо се интегрираат. Ѓуровиќ упати критика до властите дека поради лошо планирање и инертен пристап, Србија пропуштила можност да прифати поголем број украински бегалци кои би можеле да бидат одговор на недостигот на работна сила. – Многумина поминаа низ Србија, но не видоа општество каде би можеле да најдат засолниште и да започнат нов живот, нагласи тој.

Back to top button
Close