Србија на прагот на генерален штрајк
Бранот на незадоволство предизвикан од уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад ја доведе Србија до пресвртница. Дали се можни промени?
„Корупцијата убива“. Зад оваа порака застанаа десетици илјади српски граѓани кои секојдневно излегуваат на улиците за да бараат политичка и кривична одговорност за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, под која загинаа 15 лица, а двајца се тешко повредени.
Протестите растат од ден на ден. Демонстрациите и блокадите на патиштата станаа секојдневна појава. Граѓаните ширум Србија секојдневно се собираат за да оддадат почит на жртвите со молк од 15 минути.
Студентите ја блокираа работата на речиси сите факултети на трите најголеми државни универзитети, барајќи, меѓу другото, оставки од премиерот и градоначалникот на Нови Сад.
„Не можам да видам сценарио во кое ќе излеземе од блокадата без да се исполнат барањата. Мислам дека дефинитивно се случи пресврт и дека ова е дефинитивно почеток на крајот“, вели за ДВ Ана Ѓуриќ, студентка од Нови Сад.
На страна на студентите застанаа околу 5.000 професори и соработници. „Хаос, криминал, владеење на незнаење и на лоши студенти – тоа е нешто што човек едноставно не може да поднесе да го гледа“, вели за ДВ Љубица Опарница, професорка на Педагошкиот факултет. Студентите ѝ ја вратиле вербата дека промена е можна.
„Навистина сум фасцинирана од начинот на кој студентите работат. Тоа е солидарност и тој ѕид не може да се пробие. Ако сите го сакаме истото, а тука е сосема јасно дека сакаме нов систем, ново и поинакво време, некако мислам дека режимот едноставно не може да направи ништо во врска со тоа.“
Поддршка доаѓа и од дијаспората – од Њујорк до Мелбурн. Граѓаните се собираат во светските метрополи во знак на поддршка, а тенисерот Новак Ѓоковиќ од Австралија Опен испраќа порака дека и тој стои со студентите.
Граѓаните донираат храна, приватниците донираат потребна опрема, таксистите нудат бесплатно возење, а земјоделците ветуваат дека ќе ги заштитат студентите на протестите со трактори.
Непријателски однос на државата
Најверојатно ќе им треба штит, бидејќи притисокот врз студентите кои се во блокада се зголемува. Провладините таблоиди ги нарекуваат странски платеници и ги објавуваат нивните лични документи. Припадниците на безбедносните служби ги посетуваат нивните родители.
Се зголемува бројот на физички напади врз демонстрантите на улиците. Ситуацијата кулминираше кога за време на петнаесетминутниот помен за жртвите во Белград, маж влета со својот автомобил во толпата и удри студентка по право, при што таа заврши во болница со тешки повреди.
„Потресени сме, но тоа нема да нѐ плаши, може само уште повеќе да нѐ разгневи“, вели Ана Ѓуриќ.
Генерален штрајк
Тоа разгневи и бројни граѓани кои по тој инцидент масовно излегоа на улиците да протестираат и во помалите градови низ Србија. За студентите тоа е знак дека општеството е зрело за генерален штрајк. Тие веруваат дека сè мора да престане за промените навистина да се случат. Многумина веќе се одзваа на нивниот повик.
Адвокатската комора на Србија стапи во седумдневен прекин на работа, а штрајкуваат и дел од вработените во Електростопанството на Србија. Како што дознава ДВ, да прекинат со работа се подготвуваат и некои медицински работници и уметници вработени во јавните културни установи.
И просветните работници со помош на родителите ја прекинуваат наставата. Иако репрезентативните синдикати постигнаа договор со српската влада за зголемување на платите и прогласија мораториум на штрајковите, второто полугодие не започна навреме во десетици училишта.
„На просветата не може да ѝ биде добро додека во општеството владее системска корупција. На просветата не може да ѝ биде добро додека во општеството не се почитува принципот на поделба и менување на власта. На просветата не може да ѝ биде добро додека носителите на одлуки се плагијатори, фалсификатори, узурпатори и манипулатори“, порача Душан Кокот од Независниот синдикат на просветни работници на Србија. Тие не беа меѓу четирите репрезентативни синдикати кои преговараа со владата за зголемување на платите и гласаа за стопирање на работата на неодредено време.
Премиерот Милош Вучевиќ најави дека ќе бидат испратени инспекции во училиштата кои ја прекинаа работата и најави отпуштања.
„Не се заканувам никому, но ги предупредив сите и ги замолив да не си играат со децата и со образовниот систем“, рече Вучевиќ.
Две инспекторки веќе се огласија со соопштение во кое велат дека одбиле да ја извршат задачата, бидејќи тоа е во спротивност со професионалните и етичките норми, а во едно училиште сите вработени потпишале изјава дека ќе дадат отказ доколку некој од вработените биде изложен на какви било мерки.
Власта во дефанзива
Додека протестите и солидарноста меѓу различните слоеви на општеството растат, власта се обидува да се справи со најголемата политичка криза од своето 12-годишно владеење. Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвинува демонстрантите за поткопување на уставниот поредок.
„Сето тоа го прават странски инструктори, кои доаѓаат од неколку западни земји. Ние го знаеме сето ова, а меѓу оние кои вршеле валкани работи за западна агентурна мрежа има и такви од источните земји“, рече претседателот Вучиќ.
Тој ѝ понуди на опозицијата советодавен референдум за доверба на Претседателот на Републиката. Опозицијата го отфрла овој предлог и повикува на преодна влада чија задача би била да создаде услови за фер и чесни избори. Ова не е прифатливо за Српската напредна партија (СНС). Тие веќе ја започнаа кампањата „Му верувам на Вучиќ“.
„Референдумот би бил голем предизвик дури и за власта“, смета политикологот Душан Спасојевиќ. Тој верува дека сите ќе останат на теренот на неформална борба.
„Се чини дека тие сега ќе покренат некаква контракампања. Има индиции за таканаречените контрамитинзи веќе од крајот на неделата и претпоставувам дека тоа е уште еден механизам со кој СНС ќе се обиде да ги контролира протестите“, вели Спасојевиќ за ДВ.
Каде ќе тргне Србија од оваа пресвртница? За професорката Љубица Опраница нема дилема: „Јасно е дека тешко ќе се предадат, бидејќи уживаат сериозни привилегии. Затоа тоа се чини невозможно. Но, моето чувство е дека оваа влада само ќе се урне одеднаш како настрешницата која се урна. Ќе се изненадиме. Мислам дека тие се на крајот на силите“, верува таа.
Душан Спасојевиќ е попретпазлив, но и тој смета дека од оваа точка нема враќање назад. „Ако владата најде начин да ги разбие студентските протести, тоа ќе биде еден вид излез од кризата, но кризата ќе се врати со полна сила веќе во првата наредна прилика“, заклучува Спасојевиќ. (Dw)