Србија: Нема да емигрирам, ќе се борам да се смени системот
Вака известува Оливер Зос, новинар на АРД, првата програма на германскиот јавен сервис, од Крагуевац. И оценува: „Ова се непријатни времиња за српскиот претседател, бидејќи големи демонстрации се случуваат во сè пократки интервали.”
Репортерот на АРД претходно се сретнал на Филолошкиот факултет во Белград со 22-годишните студенти по германски науки Теодора и Ана. Тие „не сакаат да ги кажат своите презимиња од безбедносни причини”.
„На целиот факултет на ѕидовите висат протестни плакати. Во предавалната наместо предавања се одржува седница на студентскиот пленум на која се планираат следните протестни акции.”
„Веќе не се работи само за инцидентот на железничката станица во Нови Сад”, истакнува германскиот новинар. „Од гледна точка на студентите, несреќата (во Нови Сад) е симптоматична за срозениот демократски систем во Србија и тие имаат намера да протестираат додека не се смени системот. „Сакаме институциите во Србија да си ја вршат својата работа”, вели Ана.

Меѓутоа, „Вучиќ и натаму го издржува бранот протести и се чини дека останува цврсто на седлото. На денот на масовните демонстрации, тој и самиот собра десетици илјади луѓе на контра-митинг во Сремска Митровица, во покраината Војводина. Неговиот митинг, сепак, е многу помал од протестот на студентите”, се оценува во извештајот на јавниот германски јавен сервис.
„Овој пат нешто е поинаку”
Во Нови Сад е Тобијас Цик, новинар на „Зидојче цајтунг”. За него, како што наведува, тоа е „патување во земја што е лута”.
„Младата жена се вика Милица Борља. Носи сива дуксерка со качулка, врзана коса и слушалки околу вратот. Таа има 19 години, а есеноска почна да студира право. ‘Сега сум подолго во блокадата отколку што студирав’, вели таа со горчлива насмевка. Но, тоа сепак вреди за неа, со оглед на тоа што е сега во прашање. ‘Татко ми секогаш ми велеше: добиј пристојна диплома и потоа емигрирај некаде каде што има подобри можности отколку во Србија’, вели таа. ‘Сега знам: не, нема да емигрирам, ќе останам овде и ќе се борам системот во оваа земја да се промени'”.
Германскиот новинар бил и на Филозофскиот факултет во Нови Сад. „Повеќе од 30 трактори се во кампусот. Земјоделците постојано демонстрираа во последните недели. Внатре нѐ пречекува еден од претставниците на студентите, 21-годишниот Вук Витковиќ. Тој е облечен во тренерки и апостолки. Тој оди дома само на секои неколку дена за да земе чиста облека. По ѕидовите, сè до таванот, се трупаат донации на граѓаните: инстант тестенини, конзервирана риба, бисквити и пакетчиња тоалетна хартија. Дури и некоја нова пандемија веројатно не би можела да ја скрши волјата на студентите”, пишува „Зидојче цајтунг”.
„Тие се држат настрана од политичарите од секаков вид и поставија пет барања. Како ова на пример: ‘Сакаме судството да си ја врши работата’, вели Вук Витковиќ. ‘Сакаме одговорните за уривањето на настрешницата да одговараат. Кога тоа ќе се исполни, нема да има причина за протест.’ Кога претседателот Александар Вучиќ им понуди на студентите дијалог, тие одговорија дека нема потреба за тоа, бидејќи според Уставот тој не е надлежен за тоа, што значеше дека тоа треба да биде работа на судството и на Владата.”
„Во последниве години, во Србија се повторуваат големи протести против владата”, пишува авторот на написот, „против плановите за ископ на литиум за европската автомобилска индустрија, против широко распространето насилство во земјата. Но, овој пат нешто е поинаку. ‘Петнаесет луѓе загинаа кога се урна настрешницата’, вели Вук Витковиќ. ‘Нема ништо полошо од смртта. И луѓето престанаа да се плашат’. Владејачката партија, која има голем број членови, се грижи нејзините членови да добијат работа во јавниот сектор. Сега протестираат и пензионерите, земјоделците и работниците”.

На крајот, германскиот новинар ја пренесува пораката на Милица Борља, студентка од Нови Сад: „Цврсто стоиме зад нашите барања. Ќе ги окупираме универзитетите додека тие не се исполнат. И ако треба да ги окупираме една година, тогаш ќе ги окупираме една година”.
Протестна уметност
Весникот „Тагешпигел” се фокусира на улогата на уметниците во протестите. Авторката на написот Филин Бикхард во Белград се сретнала со Кристина, студентка на Универзитетот за уметности и една од авторките на изложбата „stUUdenti” во Галеријата Кула.
„На три ката се претставени дела на теми како окупација, блокади, протести и медиуми. Приходите од продажбата на уметнички дела, плакати и налепници се наменети за погодените од уривањето на неодамна обновената настрешница на железничката станица во Нови Сад.”
„Сите дела на изложбата се претставени анонимно и со тоа во име на сите студенти. Кристина, во име на тимот кустоси, објаснува: ‘Смислата на нашите окупации на факултети и блокади на улиците се рефлектира и во нашата изложба, односно дека се доживуваме и разбираме себеси како една голема заедница'”.
Во исто време, како што оценува авторката на написот, „уметноста не само што го документира и естетизира протестот, туку самиот протест се разви во перформативна уметничка форма. Секојдневниот минутен молк започна во ноември на Факултетот за драмски уметности, кога студентите првпат го одбележаа споменот на 15-те жртви од уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.”
„Студентите по уметност играат клучна улога во тековните масовни демонстрации, бидејќи тие беа првите што протестираа на универзитетот. ‘Бројот 11,52 сега стана симбол на протестот’, објаснува Ања, студентка на Филолошкиот факултет и уредничка на новото протестно списание ‘Филоблок’. Во последниот број беа објавени неколку прозни и поетски творби”.
„Во меѓувреме, дури и светски ѕвезди од областа на уметноста и музиката, како Марина Абрамовиќ од Белград или Мадона, им ја изразија својата поддршка на демонстрантите”, потсетува „Тагесцајтунг” и заклучува: „Протестното движење докажа дека креативниот отпор може да биде не само средство за бунт, туку и форма на општествено обновување.”(dw)