Србија против Русија !?

Понекогаш кога мислите дека ги знаете сите одговори, животот ги има сменето сите прашања! Вака приближно може да се опише (не)снаоѓањето на српските водачи во однос на украинската криза.

Вучиќ сеуште се надева дека ќе се извлече со некаков неутрален однос во однос на војната во Украина, и дека нема премногу да ги налути Москва, Брисел или Вашингтон. Но, тоа воопшто не е лесна работа и наликува на одење по опасна жица меѓу Западот и Истокот. И покрај повластените цени на „Гаспром“ за Србија, кои се дури 60 отсто под цената на светскиот пазар, сепак кризата тропа и на вратата на Србија. Економската војна меѓу ЕУ и Русија силно ја погаѓа и Србија, која е на пат да ја преполови нејзината сегашна прогноза за економски раст од пет на два до три проценти.

Вучиќ во свој стил, неодамна изјави дека државата минува низ најголемата криза од 1945 година. Власта ги замрзна цените на пченицата, пченката, брашното и маслото за јадење – засега до крајот на април. Изгледа, убавата песна одамно е завршена, иако владините таблоиди со „дуплa диоптрија“, настојуваат лажно да го оддржуват расположението на јавноста, дека во усови кога во светот владее хаос, во Србија сепак е толку нормално! Полно наслови од типот „На светот му се заканува голем глад – Србија има доволно храна“, или „Луѓето се борат за храна во Германија“, „Гладта е во сите други земји“, „Економски крај на светот, а Србија опстојува“…

Техниките на пропагандата се исти, ама зачестеноста енормно е зголемена. Целта е заплашувањето на луѓето од сиромаштијата, гладта и војната, за да потоа Вучиќ по телевизиите да смирува, поентирајќи дека Србија е оаза на нормалноста, додека останатиот свет е во жив песок. Така, тамошните медиуми продолжуваат да бидат главен лост на моќта која понекогаш се мери по утринска сенка.

Рака на срцето, тие спасоносни пофалби и не се баш без никаква основа. Од 2017 година, во Србија економското производство по глава на жител е зголемено за 40 отсто, што е недостижен сон за сите други регионални држави. Во 2021 година, бруто домашниот производ порасна повеќе од 8.000 евра по глава на жител, што е речиси една петтина од германската вредност. Дури и во услови на пандемијата, во 2020 година, бруто  домашниот производ во Србија се намали многу малку, вели Бранимир Јовановиќ, специјалист за Србија од Виенскиот институт за компаративни економски истражувања: Резултатот беше подобар од која било друга европска земја. Значи, економијата сепак порасна за 7,5 отсто“.

Но, времињата се менуваат, дури и тие времиња кои се толерантни за политичарите. И секој што ќе сака да гледа во иднината низ призмата на оптимизмот, а не преку песимизмот, во фиктивниот вовед на текстот ќе мора да се обиде да најде барем трошка од реалните аргументи и можности, колку и да се тие тешки, влевајќи некаков надеж дека по изборите, луѓето нема да се најдат пред вратата на пеколот. Дека сепак во Србија, во услови на светските геополитички превирања поради руската инвазија на Украина, нема да биде многу полошо, и дека Западен Балкан поинаку ќе дише. За да се случи тоа, Србија можеби ќе треба да избере меѓу повластената енергетска положба од Русија и силното европско трговско партнерство и донаторство. Без дилема, дека без тоа второто Србија тргнува кон амбис.

Тука главна улога ќе игра Европската Унија, а посебно Германија. Дури 72 отсто од 2.800 странските компании во Србија доаѓаат од ЕУ и тие обезбедуваат околу 312.000 работни места. Според германската комора за надворешна трговија, само 400 германски компании вработуваат 65.000 луѓе во Србија. Според податоците од Белград, Германија е најважен инвеститор, пред САД, Австрија и Франција. Русија и Кина се далеку пониски на листата, со само пет отсто од вкупните странски инвестиции.

Србија и регионалниот мир!

Неодамно, Вучиќ ја нарече Србија „столб на стабилноста“ на Балканот, но оваа изјава ќе биде доведена во прашање од многумина европски и американски претставници, кога тие прстот го вперат кон Белград, како истурена станица на Путин во спроведувањето на деструктивна руска политика за Западен Балкан, насочено против ЕУ и НАТО, истовремено дестабилизирајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Косово.

Но, откако изборите завршија, следи сосема друга песна. Огромен ќе биде притисокот на Западот врз Белград, за тоа и таа држава да се приклучи кон европските санкции против Русија, но и за поздрави односи со нејзините соседи. Па затоа Белград ќе треба да го врзе Додик и да му забрани и понатаму агресивно да лае. Србија веќе не ќе може да ја продолжи својата досегашна надворешна политика на седење на две столчиња. Таа, не ќе може веќе истовремено да намигува и кон ЕУ и кон Русија. Тој простор веќе целосно е затворен за Вучиќ. Тој ќе биде приморен да се сврти против Русија, што нема до и биде лесно сооглед на ставовите од нејзините гласачи. Дури и коалиционирањето со Ивица Дачиќ ќе му биде голем проблем поради неговата претерана игра во про-руска карта. Тој барем ќе може да сонува дека ќе биде дел од власта, за разлика на Вулин кој дури ќе нема и таква можност. Вучиќ веќе нема потреба од носење вода. Секако дека новата власт на Србија ќе мора да почне да заборави и на идејата за таканаречениот „српски свет“, која асоцира на промена на границите во регионот.

Новата влада на Србија „ќе мора да биде јасна во својата посветеност на стратешкиот избор на Србија за Европа“, изјави за Радио Слободен Владимир Билчиќ, известувач на Европскиот парламент. Моментално Србија е единствената европска земја која дозволува летови до и од Русија, и која нема воведен санкции кон Русија, иако Брисел тоа го бара од земјите кандидати за влез во ЕУ. Таа, пред изборита ја поддржа Резолуцијата на ОН со која се осудува руска инвазија врз Украина, а сега и исклучувањето на Русија од Советот за човекови права на ОН, но нејзе воопшто не и е лесно да воведе санкции.

Санкциите на двете страни во голема мера се на сила, а се најавуваат и нови. Сите 27 членки на Европската унија одобрија нови пакети за ембарго, кои вклучуваат ембарго за увоз на руски јаглен, дрва и вотка. Санкциите вклучуваат и замрзнување на средствата на неколку руски банки, а најавата е дека може да следи целосна забрана за увоз на сите фосилни горива од Русија. Се проценува дека Русија оди кон најголемата рецесија од распадот на Советскиот Сојуз. Само во претходните недели беа замрзнати повеќе од 358 милијарди долари руски пари и 30 милијарди евра имот. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека економските санкции „веројатно ќе ги избришат последните 15 години руски напредок“. Така, додека Путин се молел патот да му го пресече некоја бела бјондинка – ете црна мачка! А злосторствата направени во Бучи и на други места докажуваат дека тој ти бил чудовиште во олицетворение на водач!

Неодамно, Вучиќ кажа: „Србија е на европскиот пат. Ние сме воено неутрална држава, но не сме политички неутрална држава, оти ние сме на европскиот пат.“ Додека не дознаеме точно што е тоа европски пат, преостанува човештвото уште еднаш да сфати дека евтините лидери најскапо го чинат!

Мерсел Биљали

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close