Србија: Студентското движење одвнатре – како сѐ функционира?

Звук на полициска сирена и порака од мегафон: „Почитувани професори и професорки, ве известуваме дека започна блокадата на Филозофскиот факултет.“ Така започна бранот студентски блокади на Универзитетот во Нови Сад.

Студентката од прва година по комуникациски студии, Олга Пантиќ, во тоа време била на смена во кафетеријата на факултетот. Ја напуштила работата и им се придружила на колегите. Оттогаш, факултетот е нејзин дом – таму спие, јаде и живее.

„Толку се навикнав што овде сега ми е и поубаво отколку дома. Сѐ ми се врти околу блокадата. Тоа е како работа. Особено во пресрет на некои големи протести“, вели Олга за ДВ.

Студентите веднаш на почетокот ги изнесоа своите барања, меѓу кои и утврдување политичка и кривична одговорност за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, под која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

Своите врати ги отворија и за студентите од другите факултети кои дојдоа да се распрашаат како може да се приклучат на блокадата.

„Ние често им го отстапувавме и својот амфитеатар и училниците за состаноци и договори како да се приклучат на блокадата, како да ги организираат пленумите, а некои факултети всушност и ги одржаа првите пленуми на нашиот факултет“, се сеќава студентката Татјана Рашиќ.

Така, за само неколку недели беше блокиран речиси целиот универзитет во Нови Сад.

Србија Нови Сад студентски протести
Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Сè функционира како швајцарски часовник

Оние кои често доцнеле на утринските предавања и се мачеле со исполнувањето на роковите, сега функционираат како швајцарски часовник. Сите одлуки се носат преку директна демократија, на пленуми, а задачите се спроведуваат преку тимови.

Олга Пантиќ е претставник на нејзиниот факултет во редарскиот тим на универзитетот. Тие обезбедуваат протести, го запираат сообраќајот, насочуваат протестни колони и се грижат сè да оди без проблеми.

„Имаме координатори и делегати. Секој координатор има воки-токи за да можеме да комуницираме меѓу себе, и тие им кажуваат на делегатите што да прават, кога да тргнат, кога да застанат, а делегатите имаат мегафони и секој од нив има свој дел со кој се занимава. На пример, делегати за страните, за предниот или задниот дел. И сите сме усогласени. И сите се слушаме едни со други“, објаснува Олга.

По бројните напади врз демонстрантите, редарите добија и своја специјална единица – дабари. Името на единицата е игра на зборови со името на државната специјална воена единица која се вика „Кобри“.

„Дабарите носат заштита за мотоцикл и кациги, така што ако налета автомобил, тие може да паднат без да се повредат. И тоа се физички најподготвените студенти. Тие, ако треба, истрчуваат пред автомобил.“

Србија Нови Сад студентски протести
Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Секој факултет има и свои посебни тимови. За хигиена е задолжен тимот кого на Филозофскиот факултет го нарекуваат Санитарна бригада, додека тимот за логистика управува со донациите, а деновиве со полни раце работа транспортира стотици душеци за спиење во Крагуевац, каде ќе се одржи следниот голем протест.

Посебен редарски тим води сметка за тоа кој влегува и излегува од факултетот. Студентите по технички науки направија апликација која им помага да водат точна евиденција за да се избегнат „непоканети“ гости.

„Тоа се оние кои правеле проблеми, без разлика дали навредиле некого, или биле фатени како вршат шпионажа, пренесуваат информации од пленумот или лажат. Тоа го усогласуваме на ниво на целиот универзитет и секој што е на црна листа на еден факултет не може да влезе ниту на другите факултети“, вели Олга.

Србија Нови Сад студентски протести
Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Пленумите како заштитен знак

Со гордост истакнуваат дека сите одлуки се носат на пленуми на кои учествуваат сите студенти кои сакаат да учествуваат.

„И секоја одлука што се однесува на заедницата во блокада се носи на лице место со мнозинство гласови и тоа е единствениот легитимен начин на кој нашата заедница донесува одлуки“, објаснува студентот Немања Ќурчиќ за ДВ.

Понекогаш на пленарните собири учествуваат стотици студенти, а дискусиите можат да траат со часови, бидејќи секој има право да зборува.

„Понекогаш е исцрпувачки, но ние студентите не веруваме во репрезентативен вид на демократија. Во нашата заедница се покажа дека е лошо, бидејќи кога му даваме можност на поединец да нѐ застапува, тоа остава простор и за некаква форма на корупција, лично мислење и сите работи што ги гледам секој ден во нашиот политички живот. Студентите не го сакаат тоа. Го избравме овој потежок, но поисправен и поправичен пат“, објаснува Немања.

Србија Нови Сад студентски протести
Фотографија: Sanja Kljajic/DW

Кои се вистинските дострели на движењето?

Светската поп ѕвезда Мадона на својот Инстаграм профил напиша дека во Србија се одржува најголемиот студентски протест од 1968 година. Со тоа се согласуваат и некои аналитичари. Тоа движење ја разбуди целата просвета, адвокатите, медицинските работници, ИТ-секторот и бројните граѓани, доведе до пад на владата и предизвика протести во речиси сите општини во Србија. Но, кои се нивните вистински дострели?

„Тие се политичката сила која има најголем легитимитет во овој момент во нашата земја. Кога тие би предложиле и учествувале во создавање на некаква политичка платформа – како и да изгледа таа – тоа би била единствената платформа која што има шанси за успех“, оценува Огњен Радоњиќ, професор на Филозофскиот факултет во Белград.

Меѓутоа, студентите засега покажуваат голема недоверба кон сите опозициски актери – од активистички групи, преку невладини организации, до политички партии, но и кон предлозите што доаѓаат од нив, како што е формирање на преодна влада која би ја обезбедила работата на институциите и би обезбедила фер услови за следните избори.

„Мислам дека во овој момент не е корисно да им се наметнува нешто. Убеден сум дека тоа ќе созрее кај нив со текот на времето. Мораме да ги пуштиме. Тие се плашат од надворешни влијанија и уфрлени елементи и покажуваат некои елементи на затвореност, но тоа е очекувано со оглед на сѐ што поминаа“, додава Радоњиќ.

Тој потсетува дека токму нивната структура е нивен најголем штит во овој момент. „Власта од почеток се обидуваше да уфрли свои елементи, но сѐ додека тие одлучуваат масовно, тие елементи не можат да дојдат до израз, не можат да ги надгласаат. Втората работа е што тие немаат лидери, па власта нема кого да врбува и поткупи или да го дезавуира јавно“, додава Радоњиќ.

Но, токму на пленумите, велат, веќе опширно се разговара на овие теми и се истражуваат сите модели кои се предложени во јавноста.

„Навистина сме свесни за нашата моќ во општеството во овој момент. Затоа внимателно го разгледуваме секој следен чекор, секое мислење со кое ќе излеземе во јавноста, секоја тема што ја ставаме во јавниот етер“, објаснува Татјана Рашиќ.

Но, пред сѐ очекуваат да се исполнат нивните барања. Бидејќи без тоа, велат, нема надеж дека некој во Србија може да очекува правда. (DW)

Back to top button
Close