Србија: Вучиќ ги одврза своите насилници, а ЕУ молчи
Деновиве српскиот претседател Александар Вучиќ го покажува своето вистинско лице, пишува во коментар германскиот јавен сервис АРД.
Минатата недела тој испрати маскирани насилници врз досега мирното протестно движење. Додека партиски лојалисти со палки и пиротехника напаѓаа демонстранти, полицијата стоеше настрана и не интервенираше. Тепање под полициска заштита.
Ескалација на насилството на улиците
Од тогаш, насилството на српските улици ескалира секоја ноќ. Дел од протестното движење, кое е критично кон владата, веројатно придонесува за тоа. Канцеларии на владејачката партија, кои досега беа гаѓани само со јајца, сега се демолираат и се палат.

Полицијата интервенира, но не ги апси само оние кои се насилни. Секој што ноќе излегува на улица во Србија за да протестира против владата, мирно или не, мора да очекува апсење.
Понижувања и закани
И тоа со полициско насилство и понижување. Државната телевизија во Србија минатата недела објави снимки од приведени лица во спортска сала. Тие клечат со лице кон ѕидот, рацете врзани зад грб, зад секој стои полицаец во борбена опрема. Во друг град, локалниот полициски началник наводно претепал активистка и ја заплашил со силување.
Така реагира српската држава кон своите граѓани, кои веќе девет месеци протестираат против корупцијата. А српската држава, тоа е претседателот Александар Вучиќ. Тоа е обид да се зацврсти неговиот нестабилен систем на моќ и да се потисне сè покритичното граѓанско општество.
Ова граѓанско општество бара правда за жртвите од несреќата во Нови Сад, каде лошо реновирана железничка натстрешница однесе 16 животи. Бара правда и за жртвите на полициско насилство. Бара фер избори и претседател со моќ ограничена според уставот.

ЕУ им врти грб на демонстрантите
Може да се каже: српското граѓанско општество го бара она што треба да биде нормално во една демократска европска земја. На крајот на краиштата, Србија е кандидат за членство во ЕУ. Но наместо да го поддржи демократското движење, Европската комисија им го врти грбот на демонстрантите во Србија. Ниту еден збор на поддршка од Брисел.
Европа сака да профитира од економската сила на Србија, без разлика колку корумпирани раце се вмешани. Затоа ЕУ минатата година склучи договор со Србија за ископување на литиум.
Со ваков пристап кон проширувањето, Европа ја губи својата веродостојност и ги гази сопствените вредности. Александар Вучиќ го покажува своето вистинско лице. Европа треба внимателно да гледа. (dw)