Србите револтирани од ,,Сејф сити”: Нека, благодарам! Од сега па натаму само преку Бугарија

На граничниот премин „Табановце“ помеѓу Македонија и Србија вчера беа забележани повеќечасовни колони странски возила, откако започна проверката и наплатата на казни за сообраќајни прекршоци евидентирани од камерите на системот „Безбеден град“.

Голем дел од возилата биле со странски регистарски таблички, а меѓу патниците имало и туристи кои се враќале од одмор во Грција. На возачите кај кои системот претходно евидентирал прекршок им било соопштено дека имаат неплатена казна и им бил издаден Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.

Примената на механизмот предизвика километарски колони и реакции на социјалните мрежи. Најголем дел од коментарите не ја оспоруваат потребата да се санкционираат возачите кои ги прекршиле сообраќајните правила, туку начинот на кој е организирана проверката и наплатата.

„Вечерва беше пекол на граничниот премин и неколку километри пред него. Не е спорна наплатата на казните, туку местото и начинот на кој се вршат проверката и наплатата. Повеќе од три часа чекање во непрегледна колона возила“, е една од реакциите..

Друг возач тврди дека чекал дури пет часа.

„Сè е тоа супер, ама зошто јас да чекам пет часа ако сум го почитувал ограничувањето? Зошто моето семејство да страда додека чека несовесните да ја платат казната?“, стои во еден од коментарите.

Слични реакции имаше и од други патници, кои сметаат дека возилата со регистрирани прекршоци треба да бидат издвоени, за останатите непречено да ја продолжат патувањето.

„Супер е да се плаќаат казните, но што е со луѓето кои ги почитувале ограничувањата? Сега сите треба да чекаат на граница“, реагира еден од корисниците.

„Чекаме со часови со деца во автомобилите. Кој направил прекршок нека си чека и нека си плати, зошто ние да чекаме со нив кои немаме направено ништо“, се вели во друг коментар.

Дел од реакциите се однесуваат и на самото поставување на камерите и ограничувањата на одредени делници. Еден возач тврди дека на патот кон Грција има камери поставени веднаш по делници со пониско ограничување, што, според него, создава впечаток дека системот е насочен кон наплата, а не кон приоритетно кон безбедност. Станува збор за лично тврдење од коментар за кое нема официјална потврда.

Има и остри реакции од дел од странските возачи, кои најавуваат дека поради искуството на Табановце ќе избираат други транзитни рути.

„Нека, благодарам! Од сега па натаму само преку Бугарија. За жал, и Охрид ќе страда, но вие самите го побаравте тоа. Ова е малтретирање на луѓето и полнење на буџетот на лесен начин“, се вели во еден од коментарите.

Друг корисник, пак, пишува дека „браќата Македонци“ сакаат да наплаќаат казни и за минимално пречекорување на дозволената брзина, при што остро го критикува системот.

Но, меѓу реакциите има и такви кои целосно го поддржуваат новиот начин на санкционирање.

„Досега казни добиваа само возилата со македонски таблици. Кој вози по правилата нема да има проблем“, гласи еден од коментарите, додека друг кратко порача: „Добро е што почнаа“.

Дел од корисниците им советуваат на возачите да користат навигациски апликации кои предупредуваат за камерите, додека други најавуваат дека во иднина би размислиле за друга транзитна рута кон Грција.

За случувањата вчера се огласи и Министерството за внатрешни работи. Оттаму објаснија дека поголемиот број возила на „Табановце“ се должи на тоа што станува збор за прв ден од примената на механизмот, при што се опфаќаат и претходно евидентираните прекршоци.

„На Граничниот премин Табановце, при излез од државата, се појавуваат возила кај кои системот има претходно евидентирано сообраќајни прекршоци. На возачите им се соопштува дека е евидентиран прекршок и им се издава Записник за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог, со можност казната да ја подмират согласно законската постапка“, информираа од МВР.

Од Министерството додаваат дека преземаат активности за непречено одвивање на постапката и намалување на задржувањето на патниците.

Според информациите од вчера, околу стотина странски возачи биле запрени на „Табановце“ поради претходно регистрирани прекршоци. Сепак, примената на новиот механизам предизвика застој во кој со часови чекале и возачи кои немале евидентирани прекршоци.

Токму тоа е и главната забелешка во реакциите на социјалните мрежи: санкционирањето на прекршителите се смета за оправдано, но проверката и наплатата треба да бидат организирани така што возачите без прекршок нема со часови да остануваат заглавени во иста колона.

Back to top button
Close