Среќна нова Америка

Кога во 2017 Доналд Трамп за прв пат победи на претседателските избори во Америка, помисливме дека се работи за некаква историска случајност. Но, по втората победа на Трамп, сите креваме веѓи над изборот на американските гласачи и,заедно со целиот свет, се замислуваме над сопствената иднина. Како претставник на мала држава во деведесеттите, ја доживував Америка како бенигно чудовиште кое прифаќа разговор со секој кој ги поддржува политиките во прилог на демократизацијата, слободниот пазар, човековите права и правната држава. Се плашам дека, денес, во меѓународната политика се раѓа една друга Америка, онаа чиј претседател не смета дека неговата држава е „светилник на слободата“ и шампион на сето набројано. Понајмалку дека Америка е „незаменливата сила“на демократска транформација на светот. Америка, е на пат, под водството на Доналд Трамп, да се трансформира во една „трансакциска“ и „обична“ голема сила која бара од другите држави само чисти сметки. „Светскиот полицаец“, вообичаената критика упатена кон Америка во минато, сега,под Трамп, ќе бара на „полицаецот“да му се плати за да се грижи за безбедноста на други држави. Ако не платат, агресорот слободно може да ги нападне, ќе изјави новоизбраниот претседател Трамп, кој ќе стапи на должност на 20 јануари.

Западна Европа, неспремна самата да се одбрани од можна агресија, е во паника. Би сторила практично се само кога би можела да го задржи „полицаецот“ на должност, но, се чини, тоа веќе не е можно. Зашто не се работи веќе само за Доналд Трамп: американскиот народ и новата генерација политичари за кои сојузот на демократиите против фашизмот, од Втората светска војна, е далечна историја која не допира до нивните чувства на солидарност како кај воената генерација, не ја прифаќаат аргументацијата дека нивната држава треба да плаќа за безбедноста на една Германија или Франција. Особено не денес кога огромното мнозинство семејства во САД живеат до „една плата до друга“ и не можат на своите деца да им понудат подобар живот од сопствениот, онака како што тоа го направија нивните татковци. Значи, ЕУ ќе мора сериозно да се погрижи за својата безбедност преку јакнење на безбедносната димензија и проширување на сојузот. Но, и тоа не гарантира опстанок на „европската идеја“. Ако,противникот на Унуијата Трамп, своите економски трансакции „еден на еден“ги пренесе во политиката играјќи една европска држава против друга, ете го крајот на овој сјаен проект за обединета Европа.

Во односите помеѓу големите сили, кои ја држат рамката на светската политика, не очекуваат нови неизвесности. Реалистите во науката за меѓународните односи велат дека светскиот мир е можен само во услови кога големите сили се задоволни со статус квото. Ревизионистичките сили, како Германија во Првата и Втората светска војна, на пример, се причината за овие војни. Токму раководени од ова начело, во седумдесеттите, Никсон и Ксинџер , ја воведоа Кина во светската политика произведувајќи еден нов баланс на сили меѓу големите. Денес, Русија, која, под раководството на Путин, застана на нозе по падот од 1989 кога се урна Берлинскиот зид и Кина, со феноменалниот економски и воен напредок последниве три децении,не се задовони со светскиот поредок со кој доминира Америка. Но, и Америка не е задоволна со своите досегашни политики на градење на „демократска империја“ со преку сто воени бази распоредени ширум планетата Земја. Повлекувањето на американската моќ во границите на Америка како мерка на штедење, коинцидира со противењето на Американците на серија војни во кои се инволвира нивната држава под знамето на демократијата. Крајот на униполарниот момент на Америка, чија доминација е оспорена од Русија, Кина и редица други поголеми држави упатува на раѓњето на еден мултиполарен свет во кој коегзистенција меѓу демократиите и автократиите ке стане услов без кој не се може. Тоа ќе биде големо свртување во надворешната политика на светската велесила број еден во однос на сегашната која ги има своите корени во времето на Втората светска војна. Тогаш во 1943, имено, Черчил и Рузвелт заклучиле дека борбата против диктатурите (како она на Хитлер) е всушност инвестиција во мир зашто диктатурите предизвикуваат војни а демократиите кои не војуваат меѓу себе произведуваат мир. Но, судирот со руската автократија за влијание во Украина покажа дека, во нуклеарната ера, најбуквално мора да се прифати мотото „Коегзистенција или неегзистренција“доколку светот не сака да доживее нуклеарна катаклизма. Не очекува свет налик на оној после Мирот од Вестафлија од 1648, кој ја заврши триесетгодишната религиозна војна меѓу европските држави за примат на католичанството или протестантизмот. Решение беше коегзистенција на религиите преку афирмација на начелото на суверената еднаквост на државите било протестантски или католички по вера. Денес, било демократски или автократски по државно уредување.

Имено, на повидок е таков пакт помеѓу демократските и автократските држави, нешто што беше незамисливо со администрацијата на Џо Бајден и неговите демократски претходници. Но, она што беше незамисливо за нив е многу веројатно за републиканците и Доналд Трамп , кој е лично импресиониран од автократите на денешницава и е спремен на дијалог со нив. Дијалог кој идеолозите на слободата, како Обама или Бајден,не можат да го водат без да ги изневерат своите демократски вредности. За да биде парадоксот уште поголем, во овој историски момент, само човек кој нема силни демократски убедувања ниту кога се работи за американскиот политички систем а камоли за меѓународните односи, има некаква шанса да го спаси светот од нуклеарна војна!

Денко Малески

 

Back to top button
Close