Мајка на едно од загинатите момчиња во Пулс: Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што славевте – радосни и разиграни како таа кобна ноќ

Во пресрет на новогодишните празници тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили во трагедијата во дискотеката „Пулс“ одекнува погласно од секоја празнична врева

Мајка на едно од загинатите момчиња објави потресно писмо посветено на својот син и на неговите пријатели, кои својата прва Нова година, наместо со најблиските, ја „дочекуваат“ на небото.

Во емотивната порака, таа се присетува дека овие денови требало да бидат исполнети со договори каде младите ќе ја дочекаат најлудата ноќ. Наместо смеа и радост, останале тишината и болката од спомените.

„Требаше овде да се слуша вашиот глас, вашата смеа и љубов. Но, наместо тоа, остана само тишина, крик, болка и солзи. Среќна ви прва небесна Нова година, ангели наши. Славете како што славевте – радосни и разиграни како таа кобна ноќ“, пишува мајката.

Писмото ја отсликува најтешката реалност за секој родител – посетата на вечните почивалишта наместо заедничката празнична трпеза. Таа вели дека е свесна оти најголемата желба, повторно да ги прегрне своите деца, е невозможна, па затоа упатува друга, подлабока молба.

„Имаме уште една желба – правдата да пресуди за вашето прерано заминување. Ако таа се исполни, ќе знаеме дека постои правда“, стои во пораката, изразувајќи го копнежот за правно и морално разрешување на трагедијата која засекогаш промени многу животи.

 

Back to top button
Close