Средба Ердоган-Путин: Турција може да биде домаќин на мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека „внимателно“ ги следи мировните преговори за ставање крај на тековната руско-украинска војна, додавајќи дека Анкара може да биде домаќин на мировните преговори, на средбата со рускиот претседател Владимир Путин.
Како што јави Анадолија повикувајќи се на турската Дирекција за комуникации, Ердоган и Путин се сретнаа на маргините на Меѓународниот форум за мир и доверба во главниот град на Туркменистан, Ашхабат, и разговараа за билатералните односи и сеопфатните мировни напори во врска со војната меѓу Москва и Киев.
Напорите за ставање крај на војната со „праведен и траен мир се значајни“, рече Ердоган, истакнувајќи дека може да се постигне напредок во областите што нудат практични придобивки за двете страни.
Тој истакна дека спроведувањето на ограничен прекин на огнот, првенствено насочен кон енергетските објекти и пристаништата, може да биде корисно.
Ердоган ја повтори поддршката на Анкара за мировните напори во руско-украинската војна.
Анкара „ги следи преговарачките процеси насочени кон ставање крај на војната“ и „подготвена е да биде домаќин на разговори во сите формати во оваа рамка“, истакна тој, според Дирекцијата за комуникации.
Двајцата лидери разговараа и за ситуацијата во палестинските територии и Сирија, како и за мировниот процес во Јужен Кавказ.






