Средба Ковачевски – Рибеиро: Северна Македонија е на линија на интернационалните стандарди во областа на медиумите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, придружувана од шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

На состанокот е констатирано дека Северна Македонија е на вистинската патека во однос на медиумските слободи и права, на линија на интернационалните стандарди во областа на медиумите.

Соопштено е дека ОБСЕ има редовна, отворена и принципиелна соработка со институциите на системот во поглед на сите области што ги допираат човековите слободи и права, вклучувајки ја и медиумската област.

Заеднички е оценето дека медиумите како и граѓанскиот сектор имаат значајна улога во развојот на демократијата, како и дека слободата на медиумите е клучна за безбедноста и стабилноста во секоја држава. Во таа насока е истакнато значењето на објективното и професионалното новинарство, како и на квалитетен и професионален јавен сервис, со цел точни, непристрасни и навремени информации од значење за граѓаните.

На средбата е разговарно и за важноста на прашањето за безбедноста на новинарите.

Премиерот Ковачевски соопшти дека Владата е цврсто определена кон почитување и примена на европските стандарди во медиумската област.

„Владата ја почитува слободата на медиумите и новинарите имаат целосна поддршка и кога се работи за заштитата на нивните права и нивната безбедност. Како држава којашто ги почна преговорите со ЕУ, во рамки на преговарачкиот процес ќе ги вградиме сите регулативи, водејки се од добрите европски пракси, коишто се во насока на унапредување на квалитетот и професионалноста во медиумската сфера, како и на заштитата на правата на новинарите и медиумските работници”, рече премиерот Ковачевски.

На состанокот е разговарано за можностите што ги отвора добрата соработка со ОБСЕ за размена на нови искуства и информации во оваа област.

Претседателот на Владата, Ковачевски се заблагодари на амбасадорот Клеменс Која, кому му завршува мандатот во Република Северна Македонија, за неговата посветена работа и придонесот во сите демократски процеси во нашата држава.

Back to top button
Close