Средба Мицкоски-Гренел: Побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери во остварување на стратешките интереси за членството во ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во работна посета на САД и ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, денеска се сретнал со Ричард Гренел, претседателски пратеник за специјални мисии и политика.

-Имав средба со Ричард Гренел, поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба, а сега во новата администрација нов претседателски пратеник за специјални мисии и политика. Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија, објави Мицкоски на својата официјална Фејсбук страница.

Тој додава дека побарал поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план.

-Се бориме за секој интерес на Македонија!, додава премиерот во објавата.

Мицкоски вчера во Вашингтон се сретна со Девин Нунес, претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на Трамп медиумската корпорација, Џон Битов – американски бизнисмен со македонско потекло, сопственик на повеќе мултимилионски компани, Марко Галина – бизнисмен и одговорен за МАГА во Португалија и Крис Павловски, сопственик на Рамбл групацијата.

– Разговаравме за можноста за инвестиции во Македонија, за конкретни проекти од бенефит за граѓаните. Меѓу другото ги посочив напорите кои Владата ги дава за стабилизирање на економијата, рекордот кој го остваривме во привлекување на инвестиции во државата и поволностите кои се нудат. Воедно ја искористив можноста за лобирање за македонските интереси и позиции во однос на клучните прашања за нас. Станува збор за високо позиционирани луѓе во американското општество со можност за влијание на прашањата важни за нас, напиша премиерот Мицкоски на Фејсбук.

Премиерот Мицкоски на инаугурацијата на Трамп е придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.

Back to top button
Close