Средба на историската комисија во Скопје – разговарано за можни заеднички чествувања и за македонските учебници за седмо одделение
Вчера и денеска во Скопје се одржала 34. средба на членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија
На средбата, за која денеска информираат од македонскиот тим од комисијата, се разговарало за предлог-препораките за македонските учебници за седмо одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. Во однос на темите за коишто разговарале со своите бугарски колеги, членовите од македонскиот тим посочуваат:
„…При што до израз дојдоа различните позиции на двете страни.“
Сепак, како што додаваат оттаму, средбата поминала во конструктивна и динамична атмосфера.
„Во духот на градење доверба, македонскиот дел од Комисијата настојува да одржува проактивен пристап, согласно позитивните европски практики и искуства“,
се вели во соопштението на македонскиот тим.
Во рамки на дводневната средба во Скопје биле усогласени и усвоени заостанатите записници и стенограми од работата на Комисијата во 2023 година.
Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа на почетокот на декември лани во Софија. И на претходната, како и на оваа средба, како што беше соопштено, станало збор за евентуални заеднички чествувања и за препораките за македонските учебници за седмо одделение
Средба на Историската комисија во Софија – тема биле можни заеднички чествувања и македонските учебници за седмо одделение
Следната средба на мешовитата комисија предвидено е да се одржи во април во Софија.