Средба Шахпаска – Лубани: Северна Македонија е пример во регионот по актуелизирање на прашањето за родово одговорно буџетирање

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска имаше средба со Ермира Лубани, претставничка на агенцијата UN Women во Скопје, на која беше истакнато дека и во наредниот период ќе продолжи заедничката интензивна соработка, со единствена цел да се дојде до позитивни резултати, особено во однос на позицијата на жената во македонското општество.

Министерката Шахпаска истакна дека уште од самиот почеток на нејзината политичка кариера и како советник во Советот на Општина Берово, и како пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, но и сега како министер за труд и социјална политика е родово сензибилизирана и ова прашање е високо на нејзината агенда.

-За мене како жена и како креатор на политики е од исклучително значење интензивно да се работи на сите процеси кои значат унапредување и заштита на положбата на жената во општеството. Од тие причини веднаш по стапувањето на функцијата се заложив Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација да биде во собраниска процедура, а истовремено интензивно работиме на законска регулатива за родово базирано и секаков вид насилство, додаде Шахпаска и истакна дека како институција МТСП е максимално посветено да се оспособи администрацијата и на централно и на локално ниво за градење на родово одговорно буџетирање.

Претставничката на UN Women Лубани истакна дека Северна Македонија е пример во регионот во процесот на развивање на родово одговорно буџетирање и дека во тек е процесот на отворање на Ресурсен центар кој ќе биде лоциран во Скопје и кој ќе биде едукативен центар за ова прашање.

Двете соговорнички нагласија дека меѓусебната соработка ќе продолжи и во наредниот период и дека таа неопходна за градење на еднакво и рамноправно општество.

Back to top button
Close