Средба Заев – Мишел: Да се спроведе одлуката за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија

Иднината на Западен Балкан е во полноправното членство во Европската Унија, а за Северна Македонија и Албанија треба да се спроведе едногласната одлука на земјите членки на Унијата од март минатата година за почеток на пристапните преговори за овие две земји, порачаа премиерот Зоран Заев и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на денешната средба во Брисел.

Премиерот Заев и претседателот на ЕС Мишел, информираат од владината прес-служба, изразиле надеж дека со поддршка на португалското претседателство, кое вложува силни заложби и голема политичка волја, ќе биде отворен патот што ќе овозможи Бугарија да се приклучи на консензусот за усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција без натамошно одлагање.

На средбата беше истакнато дека за време на словенечкото претседателство, во октомври оваа година, ќе се одржи Самит ЕУ – Западен Балкан кој се очекува да биде заедничка инвестиција за поинтензивна меѓусебната поврзаност и соработка на линија на клучните вредности и принципи на ЕУ за посуштинско вклучување на регионот во тековните значајни проекти на Унијата поврзани со климатската и дигитална трансформација.

Поддршката и соработката на ЕУ со земјите од Западен Балкан во справувањето со КОВИД-19 пандемијата и социо-економското закрепнување, споделија Заев и Мишел, ќе продолжи со несмалена динамика, вклучително и во поглед на вакцинацијата каде ЕУ забрзано вложува во зголемување на производството и достапноста на вакцини.

Премиерот Заев и претседателот на ЕС Мишел како добредојдена ја оценија заложбата за вклучување на земјите од регионот во дебатата во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, како особено важна прилика за да се слушне гласот на младите и граѓанското општество од Западен Балкан.

Back to top button
Close