Средба Заев-Ромео: Силна поддршка за напредок во евроинтеграциите
Премиерот Зоран Заев се сретна со Карло Ромео, амбасадор на Италија во нашата држава, при што била реафирмирана поддршката од италијанскиот премиер Џузепе Конте и од Република Италија за скорешни натамошни исчекори во европските аспирации на земјава, по членството во НАТО, соопшти вечерва владината прес-служба.
Како што стои во соопштението, нагласено е дека Италија е искрен партнер на Северна Македонија и меѓу најискрените пријатели на нашата држава и дава силна поддршка за напредокот на земјава.
Премиерот Заев, информираат од Владата, изразил благодарност до премиерот Конте, до Република Италија и до амбасадорот Ромео, за време на чијшто 4-годишен мандат, се случија историските настани за нашата држава, демократски напредок и прогресот во евроатлантските перспективи.
-Како Влада, целосно сме посветени на евроатлантскиот пат и на предвидливост и стабилност за граѓаните и за државата во полн мандат, рекол премиерот Заев.
На состанокот е констатирано дека постојат можности за уште поголемо унапредување на билатералните односи помеѓу двете држави на планот на трговијата, културата, енергетиката, инфраструктурата. Изразена е заедничка определба кон заштитата на здравјето на граѓаните и на економијата во периодот што претстои, како на национално ниво, така и низ меѓудржавна активна соработка.