Српската влада донесе одлуки за воспоставување соработка меѓу Врњачка Бања и Кисела Вода, и Лесковац и Крива Паланка


Владата на Република Србија на денешната седница донесе одлуки за воспоставување соработка меѓу општините во Србија и Северна Македонија – Врњачка Бања и Кисела Вода, како и меѓу градот Лесковац и општина Крива Паланка, јави дописникот на МИА од Белград.

Одлуката за соработка меѓу општина Врњачка Бања и општина Кисела Вода се однесува на економијата, туризмот, науката, културата, спортот, воспитно образовниот процес и сите други области каде што постојат можности и заеднички интереси, се наведува во соопштението на српската Влада.

Соработката меѓу Градот Лесковац и општина Крива Паланка се воспоставува во области од заемен интерес, пред се во областите на економскиот, деловниот и научно-техничкиот развој, социјалната заштита, образованието, културата, спортот, како и во други области.

Владата на Србија на денешната седница ја усвои Уредбата за привремена мерка за ограничување на цената на гасот и надоместување на разликата во цената на природниот гас купен од увоз или произведен во Србија во случај на нарушување на пазарот на природен гас, а поради глобалното нарушување и ненадеен скок на цената на овој енергенс во цела Европа.

Владата на Србија ја усвои и Регулативата за ограничување на цената на основните прехранбени производи, со која се пропишува максимална малопродажна цена на UHT млеко со 2,8 отсто млечна маст во пакување од еден литар, како и максимална маржа што трговците можат да ја наплатат, брашно од типот Т-400 мазно и Т-500 во пакувања до пет килограми, вклучително и пет килограми, како и вкупната стапка на маржа, свински бут и свинска плеќка без коски, свински врат и свинско филе со коска, како и вкупна стапка на маржата.

Регулативата ја пропишува и максималната производна и малопродажна цена на свежо пилешко, како и вкупната стапка на маржа.

Ограничена е цената на белиот кристален шеќер по килограм, како и неговите производни цени, а се предвидува дека веледрогериите кои набавуваат кристален шеќер во пакувања од еден, пет и десет килограми, мора да го дистибуираат во малопродажба во рок од 15 дена од датумот на издавање на исправата за земена стока.

Back to top button
Close