Српски медиуми објавија “Народната декларација за Војводина” – Вучиќ најави дека ќе биде усвоена утре
Најновите настани во северната српска покраина, оживувањето на сепаратистичките идеи и движења, јавното застапување на идеите за „војводинската нација“, јазикот и православната црква, како и најавата за усвојување на некаква „Војводинска платформа“, нас не обврзуваат активно да дејствуваме во социјалната и политичката сфера за да го заштитиме територијалниот интегритет и целовитост на српската држава, оценето е во уводниот дел од текст на Народната декларација за Војводина за која српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе биде усвоена утре.
„Војводина не е само дел од Србија, Војводина е Србија. Војводина е име, а Србија е презиме. Како што нема Србија без Војводина, така и Војводина не може да постои надвор од Србија“, се наведува во декларацијата што денеска како посебен додаток ја објави весникот „Политика“.
Во декларацијата се наведува дека „Војводина е израз на европските вредности, заедница на сите граѓани кои живеат на територијата на автономната покраина, како и нераскинлив дел од националниот, политичкиот, уставниот и културниот идентитет на модерна Србија“, и дека „овие духовни вертикали не се поништуваат една со друга, туку напротив се надополнуваат“.
Како што се оценува, „промоцијата на друга партикуларистичка, автономистичка, па дури и сепаратистичка и антисрпска содржина претставува крајна изопаченост и, следствено, целосна негација на големите идеали врз кои е основана Војводина“, пренесе Бета.