Српскиот министер за финансии: Економски мерки за благосостојба на граѓаните, од декември и ново зголемување на пензиите
Српскиот министер за финансии Синиша Мали изјави дека се донесени нови економски мерки во корист на граѓаните на Србија и дека ограничувањето на маржите директно ќе влијае на намалувањето на цените на производите во малопродажбата.
Тој најави дека од 1 декември ќе следи ново зголемување на пензиите.
„Заедно со малопродажните синџири, ќе создадеме нешто што е добро за граѓаните на Србија, пред се, пониски цени. Ефектот ќе се очувствува од следната недела“, изјави тој, пренесоа српските медиуми.
Во неделата беше најавено дека за 23 категории на производи, со над 3.000 производи, што го сочинуваат најголемиот дел од потрошувачката кошничка ќе биде ограничена маржата.
„Од 1 октомври оваа година ќе имаме и зголемување на минималната плата, па одиме, како што ветивме, од 457 евра минимална плата, на 500 евра од 1 октомври, значи за помалку од месец и половина. И веќе преговараме со синдикатите за дополнително зголемување на минималната плата од 1 јануари за повеќе од 10 проценти, така што од 1 јануари ќе имаме минимална плата од 550 евра“, рече Мали.
Тој рече дека минималната плата во Србија во 2009, 2010 и 2011 година била 15.700 динари, и дека денес, според најновите податоци, просечната плата во Србија е 920 евра, и до крајот на годината ќе биде повеќе од 1.000 евра, како што им беше ветено на граѓаните.
„Од 1 декември, ќе ги зголемиме и пензиите, како што ветивме… Со овие економски мерки сакаме дополнително да ја зголемиме вредноста на секој динар што го добиваат граѓаните преку зголемување на платите и зголемување на пензиите“, нагласи Мали.
Тој најави дека утре ќе има уште еден состанок со сите претставници на малопродажните синџири во Србија.
Тој истакна дека во рамките на пакетот економски мерки, очекуваното намалување на каматните стапки на станбените и потрошувачките кредити е многу важно и потсети дека каматните стапки на потрошувачките кредити сега се движат од 12-13 проценти.
„Она што е договорено и предлог за овие економски мерки е да се ограничат тие каматни стапки на 7,5 проценти. Во исто време, Поштанска штедилница веќе објави дека максималниот износ на каматните стапки за потрошувачките кредити ќе биде 5,99 проценти, а каматата за станбените кредити ќе се намали за 0,5 проценти. Значи, кога земате кредит за пет, 10 или 15 години, кога ќе ги погледнете месечните заштеди што ги добивате, тоа се десетици илјади евра заштеда, а тоа е многу важно“, рече Мали.
Министерот за финансии на Србија истакн а дека државата има јасна стратегија кога станува збор за економијата.
На прашањето дали очекува мерките да доведат до поголема потрошувачка, како тоа ќе влијае на финансиите и каков ефект ќе имаат мерките врз пазарот, првиот вицепремиер вели дека кога ќе се погледне искуството на Унгарија и Романија, земји кои имплементирале слични мерки, тие како резултат на тоа забележале зголемување на прометот.