Српскиот претседател пристигна во официјална посета на Кина

Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна денеска во петдневна официјална посета на Кина на покана на претседателот Шји Џинпинг.
Кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека претседателот Вучиќ ќе се сретне со претседателот Шји и премиерот Ли Чијанг, со кои ќе разговара за билатералните односи и меѓународните и регионалните прашања од заеднички интерес.
Претседателот Вучиќ во делегацијата е придружуван од министри во српската влада, меѓу кои министерот за финансии Синиша Мали, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерот за трговија Јагода Лазаревиќ и министерката за економија Адријана Месаровиќ.
Вучиќ изрази уверување дека посетата ќе биде најзначајната во неговата политичка кариера и најави потпишување две заеднички изјави со претседателот Шји Џинпинг и уште најмалку 33 договори, со договорени инвестиции од милијарда евра.
Тој нагласи дека посетата ќе значи понатамошен забрзан развој, индустријализација и модернизација на Србија.
Стратешкото партнерство на двете земји беше воспоставено во август 2009 година, а во јуни 2016 година, за време на посетата на претседателот Шји Џинпинг на Белград, беше потпишана Заедничката декларација за воспоставување сеопфатно стратешко партнерство.
Триесет и седум кинески компании работат во Србија, кои досега инвестирале повеќе од 7,7 милијарди евра и вработуваат околу четириесет илјади работници.






