Српските студенти со велосипеди стигнаа до австрискиот град Линц, денеска одат кон Салцбург
Од почетокот на патувањето студентите поминаа повеќе од 800 километри, а денеска се упатуваат кон Салцбург, Австрија. Дневно поминуваат приближно од 80 до 145 километри

Српските студенти кои со велосипеди тргнаа од Нови Сад кон Стразбур вчера, на седмиот ден од патувањето, пристигнаа во градот Линц, каде што беа пречекани од група студенти и граѓани кои живеат и работат во Австрија.
Граѓаните кои ги пречекуваат носат знамиња на Србија и на Европската Унија во знак на поддршка, а за студентите е подготвена и храна.
Група од 80 студенти од Србија на 3 април тргнаа кон Стразбур со идеја, како што наведоа, да се обратат до некои од најважните европски институции и да ги истакнат своите барања, како и истрајноста и посветеноста на студентите во борбата за правда во Србија.
Од почетокот на патувањето студентите поминаа повеќе од 800 километри, а денеска се упатуваат кон Салцбург, Австрија. Дневно поминуваат приближно од 80 до 145 километри. На досегашниот пат поминаа низ Унгарија, Словачка и дел од Австрија, каде што беа дочекани од српската дијаспора која живее на овие места.
Во фокусот на барањата на студентите кои повеќе од четири месеци ги блокираат факултетите во Србија е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.