Српско сценарио
Според мене, постојат грубо 4 сценарија за развој на настаните во Србија. Најнапред за најмалку веројатното – а тоа е постепен договор со протестантите околу деескалација. Мислам дека на оваа можност, со експлозијата на протестите, веќе и помина употребниот рок, но сѐ уште може да се врати во игра доколку се смират акутните тензии. Во ова сценарио, тоа би значело некаква нова, независна комисија за истрага на несреќата во Нови Сад, но овојпат со вистински резултати кај обвинителството, и со објавување на сите документи, расчистување на сите околности, и гонење на сите засегнати, колку и да се високо во политиката. Тоа евентуално би било проследено со чекори за подобрување на ситуацијата во медиуми и демократските механизми, за да заврши со некаков колку-толку чист терен за следни избори. Тука проблем е што (1) нема со кого тоа да се преговара од страна на студентите, кои немаат некаква хиерархиска структура, и (2) Вучиќ не покажува сигнали дека е подготвен да трампа власт за мир во моментов.
„Млакиот“ Брисел
Второто сценарио, според мене исто малку веројатно, но возможно, е ова кое Вучиќ го најавува последниве денови, а тоа дека ќе следува засилена и масовна репресивна акција против протестантите. Вакво заострување на режимскиот одговор, доколку протестите останат со овој интензитет, би значело многу повеќе апсења и притвори, па дури и „превентивни“, потоа засилен наратив за екстремизам и тероризам (Брнабиќ веќе протестантите ги нарекува „фашисти“), и забрзана репресија на медиумските слободи и права (Вучиќ веќе се конфронтира, во живо, и со РТС). Но, тоа нема да биде доволно, туку паралелно на тоа, треба да се очекува и намалување на просторот за работа на невладините организации и слично. Ова на краток рок ќе ги спласне протестите, но на среден рок само ќе го поларизира општеството и ќе го зголеми незадоволството. Дополнително, таквото сценарио ќе ја комплицира ЕУ динамиката, особено во поглавјата 23/24 (владеење на право), но не многу: гледаме дека официјално ЕУ релативно „млако“ одговара на состојбата. Во вакво сценарио, сепак реториката од Брисел би се засилила, но не до степен да ги загрози преговорите, што му одговара на естаблишментот во Белград.
Тука доаѓаме до третото и четвртото сценарио, кои според мене се најверојатни. Третото сценарио би било брзи предвремени парламентарни избори, во рок од 6-9 месеци. Ова е поврзано со следните фактори: (1) ако со текот на времето, и покрај притисоците, бројот на протестанти остане ист или се зголеми, тоа ќе биде катализатор за ова сценарио, (2) ако се случи некој особено брутален полициски инцидент кој ќе биде каписла за експлозија на незадоволство, (3) ако владејачката партија се соочи со внатрешни поделби или фракции, (4) ако има некое изненадување или скандал со истрагата за несреќата во Нови Сад. Досега, Вучиќ декларативно зборува за избори, ама никако да ги распише, па така, оваа позната тактика за „издишување на притисокот“ засега изгледа дека не му е прв избор. Во овој случај, тоа ќе поттикна нова криза околу легитимитетот на изборите, па улогата на мониторингот и на меѓународната заедница би биле клучни. Тука најголемиот предизвик за протестантите ќе биде дали ќе успеат да направат ефикасна политичка артикулација, нешто со кое се мачат подолго време, имајќи го предвид лошиот имиџ на сегашната политичка опозиција.
Бескрајно лимбо
Четвртот, и според мене, најверојатно, сценарио, е дека Србија ќе продолжи да се препелка во вакво лимбо во наредните година дена. Очекувам дека протестите ќе станат секојдневие, со повремени ескалации, силно полициско присуство со репресивни мерки, но без отворена „војна“, како и козметички концесии од страна на власта: зајакнување на истрагата, жртвени јагниња како парада за наводна борба против корупција, или некаква мини реконструкција на Владата, се можни опции. Белград ќе се обидува да задржи макро-стабилност, со привид на нормалност, а во овој случај мислам дека ќе се засили и наративот за ЕУ интеграции како анестезија за протестите, а избори ќе се избегнуваат додека не „издише“ незадоволството. Во ова сценарио, повторно, импотентноста на ЕУ ќе продолжи да биде фактор кој оди во прилог на стабилократија, а против промени, и може да му овозможи на Вучиќ простор да ги „фати на кондиција“ протестантите.
Се разбира, некаков сериозен политички и безбедносен фактор може да ја смени таа динамика, како на пример ескалација на ситуацијата на северот на Косово, или промена на пристапот од страна на ЕУ, со многу посериозен и по остар речник кон Белград, но веројатноста за тоа е сепак мала, имајќи предвид дека ЕУ сака да ја задржи динамиката за интеграции. Во вакви околности, резимето на српското сценарио во следните година дена, најверојатно ќе се сведе на бесконечен низ на прес-конференции, многу удирање во гради, но малку вистински промени (dw)
Петар Арсовски