ССМ доби поддршка од Меѓународната конфедерација на синдикати за секоја постапка што ќе ја покрене во однос на Работничкиот дом

Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) дава поддршка на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) за каква било формална постапка што ќе смета дека е соодветно да ја покрене во однос на Работничкиот дом.

Како што наведуваат од ССМ, во писмото упатено од генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати Лук Триангл до претседателот Слободан Трендафилов е изразена загриженост во врска со одлуката на Врховниот суд за одземање на Работничкиот дом.

Во писмото, велат од ССМ, се нагласува дека според Комитетот за слобода на здружување (CFA) на Меѓународната организација на труд (МОТ), правото на соодветна заштита на имотот на синдикатите е една од оние граѓански слободи што се суштински за нормално остварување на правата на синдикатот и се посочува дека согласно превземени обврски од Конвенцијата бр. 87 за слобода на здружување и заштита на правата за организирање од 1948 година и Уставот на МОТ веднаш треба да се спречи преземањето на имотот на Синдикатот.

„Во овој поглед, ние нема да се двоумиме да поддржиме каква било формална постапка што Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) ќе смета дека е соодветно да ја покрене – било во рамките на МОТ или пред други меѓународни тела“,велат од ССМ дека се нагласува во писмото од генералениот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати.

Во Меѓународната конфедерација на синдикати се обединети 340 сојузи на синдикати од 169 држави во светот кои заедно бројат 191 милиони работници.

Откако од ССМ соопштија дека Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија, од Врховниот суд ја објавија пресудата по туженото барање од државата за враќање на Работничкиот дом во нејзина сопственост.

Од Врховниот суд нагласуваат дека се одлучувало по тужба од државата, а дека претседателката на судот не учествувала во одлучувањето по предметите, ниту, пак, има надлежност и овластување да влијае во донесувањето на одлуките.

Во образложението на пресудата се наведува дека Врховниот суд на Република Северна Македонија одлуката ја донел врз основа на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.31/1998), според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост.

Од ССМ побараа тројцата судии Шпенд Деваја, Наке Георгиев, Исамедин Лимани, кои ја донеле ваквата пресуда, да бидат разрешени од функцијата вршење на судија во постапка спроведена со закон. Од ССМ поднесоа и преставка до Судскиот совет за нивно разрешување.

Back to top button
Close