ССМ најавува штрајкови: Кој сака да ги намали платите на работниците?

Со усвојувањето на новите Закон за вработените во јавниот сектор и Закон за административните службеници, Владата практично го суспендира правото на колективно договарање во делот на платите, реагира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Според ССМ, со законските измени се ограничува и укинува можноста платите и правата поврзани со нив да се уредуваат или доуредуваат преку колективни договори, што директно ја загрозува висината на платите на вработените во јавниот сектор.

„На овој начин се суспендира колективното договарање, што е спротивно на Уставот, Законот за работните односи, меѓународните трудови стандарди и конвенции, Општата декларација за човекови права и Европската конвенција за човекови права“, наведуваат од ССМ.

Синдикатите потсетуваат дека член 32 од Уставот јасно предвидува дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори. Оттука, исклучувањето на колективните договори од уредувањето на платите претставува повреда на темелните уставни принципи.

ССМ најавува дека заедно со синдикатите од јавниот сектор во наредните денови ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд, поради повреда на темелните вредности на уставниот поредок, меѓу кои:

  • основните слободи и права на човекот и граѓанинот,
  • владеењето на правото,
  • поделбата на власта,
  • социјалната правда и солидарноста.

Дополнителен проблем, според синдикатите, е тоа што законите се усвоени без консултации со синдикатите и без согласност на Економско-социјалниот совет, што е директно кршење на принципите на социјален дијалог.

„Првиот чекор што го преземаме е оспорување на законите пред Уставниот суд. Истовремено, ќе побараме и Економско-социјалниот совет да се произнесе и да предложи итни измени, со кои ќе се вратат избришаните одредби за утврдување на платите со колективни договори“, велат од ССМ.

ССМ предупредува дека доколку не дојде до брза корекција на законите, следниот чекор ќе бидат протести и штрајкови.

Како дополнителен аргумент дека законите се „избрзани и нефункционални“, синдикатите го посочуваат фактот што Владата веќе направи измени со кои нивната примена се одложува до јануари 2027 година.

„Но одложувањето не го дава одговорот на клучното прашање – кој е тој што сака, преку исклучување на колективните договори, тивко да ги намали работничките плати во јавниот сектор?“, прашуваат од ССМ.

Извор: nezavisen.mk

Back to top button
Close