ССМ очекува пратениците едногласно да поддржат минимална плата од 18.000 денари

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува пратениците едногласно да го донесат законот со кој минималната плата во државата се зголемува на 18.000 денари и сметаат дека е постигната нивната цел законот да се донесе и без да се одржи најавениот собир за поддршка на пратениците пред Собранието.

-Имајќи предвид дека сите политички партии и пратеници веќе се изјаснија дека ќе го гласаат законот, нашите очекувања се дека пратениците едногласно ќе го донесат законот со кој ќе се зголеми минималната плата што ќе влијае и на зголемување на останатите плати во државата. ССМ побара од претседателот на Собранието Талат Џафери согласно неговите надлежности, да овозможи претставници на ССМ (членовите на Економско – социјалниот совет) да имаат можност да ја следат седницата во Парламентот, соопштуваат од ССМ.

Нагласуваат дека барањата на ССМ и работниците се прифатени од социјалните партнери, а се поддржани и од пратениците кои најавија дека ќе гласаат за, со што, како што велат, се постигна целта и без да го одржиме најавениот собир за поддршка на пратениците пред Собранието.

-Како што знаете на 7 февруари, на седница на Економско – социјалниот совет преговорите со социјалните партнери водени во врска со предлогот на ССМ за измени и дополнување на Законот за минимална плата во насока на утврдување на минимална плата во износ од 18.000 денари кој износ претставува 62 отсто од просечната нето плата, што ќе придонесе за скалесто зголемување на останатите плати, беше постигнат договор кој како предлог на Закон ќе биде доставен од страна на Владата до Собранието на усвојување. Владата веднаш, уште во текот на вчерашниот ден го усвои вака утврденото законско решение и ќе го достави до Собранието за на утрешната седница истото да биде прифатено од пратениците, порачуваат од ССМ

Back to top button
Close