ССМ остава можност за договор до крајот на месецов- од март ќе оди на генерален штрајк

Сојузот на синдикати денеска ја реализираше последната од најавените три блокади на таргетирани институции. Пред Владата денеска побараа да предложи измени на Законот за минимална плата со кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра.

Од ССМ оставаат простор за договор до крајот на февруари, а доколку не дојде до договор, во првата половина од март, најавуваат генерален штрајк и работнички протест.

– Ако до крајот на февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници. Ќе обезбедиме превоз, за да нема изговор. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата – изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, кој пред Владата ги изнесе најновите заклучоци донесени на Претседателството на ССМ како еден од највисоките органи на синдикатот.

– До крајот на февруари можат да седнат да кажат за колку се подготвени да ги зголемат работничките плати затоа што главниот изговор – продуктивноста која ја вртеа 35-36 години во Македонија, ги чинеше иселување на најквалификуваните работници од земјава, и не само квалификуваните работници, туку и нивните семејства – рече Трендафилов.

Доколку не се исполнат барањата на ССМ, во март ќе се изврши усогласување на минималната плата, кое според пресметките, ќе изнесува од 1.500 до 1.700 денари што работниците ќе го земат во априлската плата.

Back to top button
Close