ССМ поднесе барање до пратениците за итно зголемување на минималецот на 500 евра
Претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов информира дека денеска е поднесено барањето на ССМ за зголемување на минималната плата. Трендафилов истакнува дека барањето е оправдано, потребно и одржано, базирано и на споредбите со другите земји, како и на економските и социјалните услови во Македонија.
Оттука бараме Собранието на Македонија и пратениците веднаш да пристапат кон Законска процедура и истите да се одважат на нивото на задачата за што се избрани и да го прифатат предлогот на работниците, со што ќе биде овозможено започнувајќи од платата за месец Август 2025 година, работниците во Државата да добиваат зголемена минимална плата како и зголемени плати поради растот на минималната плата. Потребен е вонреден раст на минималната плата со кој истата ќе се зголеми на 500 евра, за да не се случи во Македонија да имаме најниско платени работниците, а највисоко платени функционери во споредба со земјите во регионот и земјите од ЕУ. Да видиме кој е за, а кој е против работниците, посочи Трендафилов.
На последната седница на Економско-социјалниот совет, токму Трендафилов информира дека нема изгледи за зголемување на минималецот, со оглед дека во Владата им рекле на преставниците на ССМ дека „многу бараат, работниците многу бараат и дека треба да бидат среќни со тие плати што ги добиваат“.
Се обидоа да не искараат во Влада дека многу сме барале за работниците. Исто така работодавачите сметаат дека нема простор за зголемување за минималната плата, дека доволно ги плаќаат работниците и дека не се продуктивни. морам да истакнам дека беше прифатена иницијативата на ССМ за платите на вработените во приватниот сектор, јавниот, како и за растот на минималната. Изгледа работниците во Македонија премногу очекуваат, рече Трендафилов на крајот на месец јули во изјава за медиумите.
Тој најави дека како ССМ до средината на август ќе имаат седница за што ќе одлучат за понатамошните чекори кои евентуално би ги презеле.
Околу 35.000 работници во земјава се на минимална плата.