ССМ за изјавата на Бесими: Токму Министерството за финансии е адресата за барања на работниците
Загрижени сме од изјавите на Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој се однесува како да не седел на седниците на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и како Министерството за финансии да не е дел од Владата.
Вака Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја коментира изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими, кој за протестот на вработените од Управата за водење матични книги, кои протестираа за повисоки плати, рече дека Министерството не е вистинска адреса за протестот.
„Го потсетуваме Министерот Бесими дека Владата на седницата на ЕСС на која се утврди зголемувањето на минималната плата и пред целокупната јавност изјави дека по зголемувањето на минималната плата следува период на усогласување на платите во рок од шест месеци – велат од ССМ.
Од Сојузот на синдикати додаваат дека изјавата на Бесими во која рече дека Министерството за финансии не е вистинската адреса за барањата на вработените кои протестираа, а дека во делот на преговори не може да се предвидат работите кои не се дефинирани не е издржана.
„Денеска во целост се побива она што јавно го кажува Министерот Бесими преку соопштението од нашиот братски Синдикат на УПОЗ при ССМ во кое ја изразуваат загриженоста поради тоа што Министерот за финансии иако требало како што вели да предвиди работи кои се дефинирани, истиот не го почитува Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија – велат од Сојузот.
Во реакцијата од страна на Синдикатот на УПОЗ, како што додаваат од ССМ, се вели дека загрижува и фактот што во Предлог – ребалансот на Буџетот за 2022 година не е предвидена исплата на регрес за годишен одмор за оваа година – право кое е предвидено согласно членот 21 од Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено – поправните и воспитно – поправните установи, државното правобранителство, единиците на локалната самоуправа, агенциите, фондовите и центрите за социјални работи и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.
Од ССМ додаваат дека согласно Законот за минимална плата, министерот Бесими знаел дека сите плати мора да се усогласат согласно порастот на минималната во рок од 6 месеци, но истиот не предвидел средства за зголемување на платите во ребалансот на Буџетот.
„Поради горе наведеното токму Министерството за финансии е адресата и одговорноста е на министерот Бесими да обезбеди почитување на Законите и колективните договори и за тоа да обезбеди средства особено со ребалансот, а во спротивно произлегува дека свесно ја оштетува државната каса за дополнителни трошоци за водење на постапки против државата од работниците кои доколку не ги добијат заслужените плати и додатоци согласно Закон и Колективен договор, работниците по судски пат ќе си го наплатат трудот со дополнителни трошоци кои ќе се плаќаат од државна каса – реагираат од ССМ.
Токму на негова адреса, додаваат оттаму, ССМ испрати допис за средби. Последниот допис бил испратен на 23 мај годинава, по кој, како што велат, наместо да не повика на дијалог, ни се обраќа преку медиумите со неиздржани изјави и оправдувања, а на таквиот начин се крие од работниците и нивните претставници и бега од одговорноста за непредвидените пари за плата и додатоци за работниците кои биле негова обврска од Закон и Колективен договор во ребалансот на буџетот кој е над 900 милиони евра.
Претходно вчера, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека Министерството не е адресата за протести на синдикатите ниту е институција која преговара со нив, откако вработени од Управата за водење матични книги протестираа пред Министерството за финансии, повторувајќи ги барањата за потпишување на колективни договори.