ССНМ: Апелот на Министерството за здравство претставува потенцијална цензура
Повикот на Министерството за здравство да не се снимаат, фотографираат и да не се земаат какви било изјави од лицата кои се рехабилитираат од повредите од пожарот во Кочани, предизвикува сериозна загриженост за слободата на медиумите, но и за одбраната на јавниот интерес.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека новинарите и медиумските работници најдобро знаат, следејќи ги правилата и стандардите на својата професија, кога, каде и како да земат изјава за настан кој е од висок јавен интерес, како што впрочем е и процесот на лекување на повредените од трагедијата во Кочани.
Македонските медиуми од денот на пожарот до денес покажаа внимателност и почитување на професионалните стандарди, притоа грижејќи се за чувствата и на настраданите и на нивните фамилии.
Ваквите инструкции, односно забрани од Министерството за здравство, иако затскриени зад терминот апел, претставуваат опасен преседан кој потенцијално може да прерасне во цензура, која е забранета со членот 16 од Уставот. Министерството, но и другите државни институции мора да бидат свесни за својата позиција и дека вакви „апели” всушност претставуваат институционален притисок врз слободата на говорот, како основно право, не само на медиумите туку и на сите граѓани.
Медиумите се чувари на јавниот интерес и клучна алка во откривањето на неправилностите во едно општество. Со нивно професионално дејствување, односно известување се крева свеста кај граѓаните за одредена тема и се шири фронтот за подобрување на состојбите, како што впрочем беше и со сите извештаи за условите во кои се одвиваше рехабилитацијата на повредените по големата трагедија во Кочани.