ССНМ: Да се заштитат новинарите и медиумските работници за време на изборниот процес

Да се заштитат новинарите и медиумските работници за време на изборниот процес, аплеира Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

ССНМ посебно изразува загриженост за начинот на кој ќе се спроведе известувањето, односно покривањето од страна на медиумите на чинот на гласањето на високите партиски функционери, кои, како што наведува, традиционално предизвикуваат големо внимание.

-Со оглед на комплицираната ситуација поради коронавирусот, како и строгите протоколи кои ќе се применуваат на денот на гласањето, ги повикуваме Државната изборна комисија, политичките партии и сите надлежни институции да обрнат внимание на заштита на здравјето на новинарите и медиумските работници. Од досегашното искуство при гласање на одреден политичар во гласачкото место влегувале над 15 сниматели и фоторепортери, што, имајќи го предвид протоколот за гласање (најмногу двајца гласачи истовремено), како и големината на просторот каде што се гласа, претставува ризик како за медиумските работници, така и за претставниците на избирачките одбори и набљудувачите. Затоа повикуваме навремено да се разгледаат овие потенцијално проблематични ситуации и да се донесат правила и протоколи според кои јавноста нема да остане неинформирана, снимателите и фоторепортерите ќе си ја завршат непречено својата работа, а притоа и здравјето на сите инволвирани ќе биде максимално заштитено, наведува Синдикатот.

ССНМ воедно ги повикува медиумските работници максимално да ги почитуваат правилата и протоколите за заштита додека ги извршуваат своите работни задачи.

-Апелираме до ДИК и другите надлежни институции да им овозможат на новинарите и медиумските работници безбедно да можат да си  ја вршат работата на денот на изборите, посочува Синдикатот.

Back to top button
Close