ССНМ: Директорката на „Козле“ не ги разбира обврските на именуваните функционери


Во изјавата на в.д. директорката на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, д-р Каролина Симоновска во која таа забранува користење на нејзиното име и презиме во медиумите има многу елементи на закана кон новинарите и медиумите, сметаат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) осудувајќи ја ваквата нејзина постапка.

Во реакцијата, од ССНМ ја потсетуваат директорката дека функцијата на која е избрана е предмет на опсервација на новинарите и медиумите, и дека со самото тоа што прифатила да извршува јавна должност, прифатила и нејзината работа да биде под лупа на јавноста.

„Во исто време ниту таа, ниту кој и да е избран и именуван функционер не може да забрани споменување на нивното име кога се работи за извршување на нивните функции, платени од парите на граѓаните“,

се вели во реакцијата од ССНМ.
Од Синдикатот велат дека целиот случај го толкуваат како конкретна закана и попречување на работата на новинарите, и притисок врз независноста на медиумите.

Оттаму ги потсетуваат избраните и именувани директори, па и државните органи кои ги поставуваат, дека ова е начин за наметнување цензура, а со неа се нарушува демократскиот амбиент во државата и се врши пресија врз колегите со несогледливи последици.

Реакција на изјавата на в.д. директорката Симоновска денеска имаше и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде рекоа дека тоа претставува форма на јавeн притисок насочен кон медиумите и оти ваквите објави се директна цензура врз новинарите и ја поткопуваат слободата на изразување и независноста на медиумите.

По серијата текстови во кои дел од медиумите пишуваа за состојби во болницата „Козле“, Симоновска во изјава проследена до јавноста предупредува дека не дава согласност за користење на нејзиното име во медиумите со закана дека во случај на неовластено објавување на информации поврзани со неа, таа ќе поведе постапка и ќе преземе законски мерки.

Back to top button
Close