ССНМ: Оценките на Сиљановска Давкова за работата на новинарите се непримерни
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро реагира и искажува загриженост од моделот на однесување кон новинарите на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова која при гостувањето на емисијата ВинВин на ТВ Телма на 15 мај 2025 година искажа сериозно навреди кон колегата Боби Христов притоа користејќи недолични зборови за функцијата којашто ја извршува.
Сиљановска Давкова во забелешка на начинот на комуникација и поставувањето на прашања на колегата Христов говореше дека не било пристојно да се говори за луѓе што не се присутни на ТВ дебата и искористи квалификации „фрустрирачки”, „малициозно” и „не личи на новинар”. Претседателката ја коментираше емисијата Топ Тема која на почетокот од оваа седмица беше емитувана на истиот медиум, а во која уредникот Боби Христов на гостите им постави прашање „колку е погорда Македонија со Гордана Силјановска Давкова една година на претседателската функција”.
ССНМ се сложува со претседателката Сиљановска Давкова дека медиумите и новинарите влијаат на перцепцијата на јавноста, но укажува дека оценката на работата на новинарите и медиумските работници која е јавна треба да биде со внимателно одбрани и издржани зборови, а не со лични квалификации за тоа дали некој личи или не личи на новинар, односно дали е фрустриран и малициозен.
-Потсетуваме дека развиеноста на едно демократско општество се мери и по разбирањето на улогата на медиумите во него, како и по прагот на толеранција кон критика кој го имаат функционерите, а кој по правило треба да биде повисок со оглед на тоа што вршат јавна функција.
Загрижува фактот дека оваа изјава доаѓа само неколку недели по извештајот на Репортери без граници, според кој падот на Македонија на индексот за слобода на медиуми е резултат, меѓу другото и на лошата оценка за политичкиот индикатор, односно дека е забележано „функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите”.
Европскиот акт на слобода на говорот на медиумите ваквите пораки до новинарите изнесени јавно ги толкуваат како директно мешање во уредувачката политика на медиумите и притисок врз слободата на новинарите. Затоа Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ја повикува претседателката Гордана Сиљановска Давкова да се воздржи од изјави кои може негативно да влијаат на слободата на новинарите, а во продолжение и на кревките демократски односи во земјава, стои во ставот на ССНМ