ССНМ: Падот на Светскиот индекс за слобода на медиумите е одраз на состојбите во Македонија

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше на падот на Македонија за шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година, нагласувајќи дека тоа е директен резултат на влошената медиумска средина и нерешените системски проблеми со кои се соочуваат новинарите во земјата.

-Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава, стои во соопштението на ССНМ.

Дополнуваат дека токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.

-Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ, дополнуваат од ССНМ.

Извештајот на Репортери без граници, кој ја рангира Македонија на 42. место од 180 земји, ја нотира потребата од итна реформа на медиумското законодавство и заштита на новинарите од СЛАП тужби – тужби што се користат како средство за притисок и заплашување.

-Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер. дополнуваат од ССНМ.

Back to top button
Close