ССНМ се солидаризира со цивилите и со новинарите и медиумските работници во Газа
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници упатува јавен апел до институциите на Република Северна Македонија да заземат јасен став и да придонесат во заштитата на цивилите и новинарите во Газа. ССНМ се солидаризира со своите колеги кои, и покрај животната опасност, продолжуваат да ја пренесуваат вистината од епицентарот на хуманитарната катастрофа.
Еве го во целост соопштението на новинарскиот синдикат:
„Почитувани: Претседател на Владата на Република Северна Македонија, министер за надворешни работи, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Ви се обраќаме како претставници на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во момент кога светот сведочи една од најголемите хуманитарни катастрофи.
ССНМ се солидаризира со цивилите во Газа, како и со своите колеги и колешки – новинари и медиумски работници, кои и покрај страшните услови се обидуваат да ја работат својата работа и покрај тоа што секојдневно умираат за што изостанува одлучна реакција на светската јавност.
Македонија за жал покажа воздржаност која не треба да е својствена за една социјална и чесна држава која и самата се бори за почитување на човековите права на своите граѓани.
Бараме надлежните државни институции да ги искористат сите свои дипломатски инструменти, да реагираат и да помогнат во спречување на хуманитарната катастрофа од незапамтени размери што во минатите година и половина се случуваат во Газа.
Како новинарска организација сметаме дека Република Северна Македонија не треба да остане нема на геноцидот и на прикривањето на вистината за злосторствата особено што најмалку 187 новинари во регионот на Газа до овој миг загинаа, а целиот простор станува затворен за медиумите кои треба да ја пренесат вистината за страдањето на огромен број на цивили. Тие известувачи што преживеале се до степен на физички колапс што не им овозможува да ја извршуваат својата задача – да пренесуваат слика и информации од местото на незапаметената хуманитарна катастрофа. Во исто време Израел забранува и влез на странски новинари што дополнително ја замаглува претставата за тоа што се случува во подрачјето на Газа.
Бараме Македонија јавно и формално да ја поддржи суспензијата на договорот меѓу ЕУ и Израел, итна евакуација на оние кои се во непосредна опасност по нивните животи, меѓународни барања за дозвола на странски новинари за пристап до Појасот Газа, заштита на локалните новинари и приклучување кон повиците за меѓународна истрага за систематското гладување како воено злосторство.
ССНМ со ова се приклучува и на реакцијата на Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари, но и многу други национални новинарски синдикати и асоцијации кои веќе испратија апел до Европската унија и до националните власти барајќи ЕУ да го ревидира својот став кон Израел.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поттикнува македонските власти да се вклучат во општата светска реакција и да помогнат во спречување на военото злосторство на почетокот на 21 век“, велат од ССНМ.
Извор: Слободен печат