Стабилна дестабилизација

(…)

Релативизација на одговорноста

Си ја поткрепувам тезата со два спротивни, но подеднакво бесмислени наративи што се шират по социјалните мрежи. Првиот се сведува на она фамозно „сите сме виновни“. Не сме. По дефиниција, изедначувањето на вината е нејзина релативизација.

Сите сме виновни значи дека никој не е виновен. Сепак, не дававме сите дозволи за дискотеки. Не правиме сите инспекции по зградите и јавните објекти дали имаат или немаат противпожарни системи. Не сме сите одговорни за одржување на јавниот ред и мир. Конечно, затоа и постојат одговорни работни места, одговорни функции и одговорни институции.

Вториот наратив на релативизирање на вината е нејзиното префрлање од одговорните кон – жртвите. „Што барале малолетни деца по полноќ во дискотека?“ „Какви се тие родители што им дозволиле на децата да бидат таму?“ „Како ги воспитуваме младите?

Или, на пример, на социјалните мрежи, врз објавата за смртта во дискотеката на една млада самохрана мајка на едногодишно бебе, веднаш се редат коментари од типот: „Каква е таа мајка што си го оставила бебето за да оди во диско?“ Без притоа да се нема, не само трошка емпатија кон жртвите и нивните најблиски, туку се реагира без основни елементарни информации.

Од каде знаат „коментаторите“ што барала мајката во дискотеката? Можеби работела таму? Можеби била на службена должност? На крајот на краиштата, зошто една млада жена не би смеела да оди во диско? Или зошто да им се забрани на малолетни млади луѓе да се забавуваат во време на викенд во познат и популарен објект?

Единствената цел на релативизирањето на вината е да се релативизира одговорноста, да се затскрие или барем да се намали. Тоа може најдобро да се види во обидот да се окупираат најавените протести за барање одговорност или барем да се намалат нивните ефекти.

Тоа се виде уште од првиот студентски собир кога ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Ангелова, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, беа единствените говорнички, обраќајќи им се на студентите со говори полни со флоскули и општи места, при што министерката и директно порача да си го потиснат гневот и да го закопаат „во длабоката тишина, тишината сама ќе го рече“.

Па, потоа се појавија апели да не се носат транспаренти со политички содржини, туку во тишина да им се оддаде почит на жртвите. Небаре, собирите и протестите се некаков парастос или погребна литургија, а не конкретни барања за одговорност.

Баражот дезинформации и дезавуирања на протестите од страна на владејачките структури, партиските ботови и провладините медиуми, беше активиран токму пред за денес (понеделник, 24 март) закажаниот студентски собир и протестот што треба да се одржи вечерва.

Наспроти прокламираното „да се сплотиме сите во болката“, во јавниот дискурс повторно се појавија „нашите“ и „вашите“. Во грчевитата потрага по „внатрешниот“ и „надворешниот“ непријател излегоа од некаде помалку заборавените: „шарени“, „соросоиди“, „странски агенти“, „платеници“ и слични етикети. Се разбира, без многу смисла и резон.

(…)

Колумната на Ѕвездан Георгиевски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close