Сталин никогаш не бил пожив

Зошто „таткото на народите“ се повикува од гробот пред ѕидините на Кремљ за помош во војната во Украина, без да се споменува неговото име? И каква е разликата меѓу путинизмот и сталинизмот?

Минатата недела во Москва се одржаа два собира – едниот поголем, со многу транспаренти и слики, а другиот мал, речиси незабележлив. На Црвениот плоштад, пред ѕидините на Кремљ, пред бистата и гробот на Јосиф Сталин, се собраа околу илјада негови тврдокорни приврзаници за да ги одбележат 70-те години од неговата смрт која паѓаше токму на тој ден – 5 март. Тие што се собраа таму не дојдоа за да потсетат на тоа колку „таткото на народите“ беше виновен за масовните егзекуции, за иселувањето на цели народи, за огромната мрежа на кампови наречени Гулаг, во кои беа измачувани со принудна работа милиони луѓе, или за наметнатото изгладнување.

Генадиј Зјуганов, деценискиот водач на руските комунисти, на новинарите им кажа дека Путин би требало да ги „научи лекциите“ од Сталин: „Време е да се преземе акција и борбата да почне на вистински начин“. Истиот ден државната новинска агенција РИА новости, публикуваше колумна во која беа напишани овие зборови: „Сталин е оружје во битката меѓу Русија и Западот… Критикувањето на Сталин не е само антисоветски чин, туку и русофобичен, наменет за поделба и пораз на Русија“.

На другиот дел од Москва, во квартот Басманија, во исто време се собраа две дузини луѓе пред една остарена четирикатна жолта зграда за да постават плоча со која ќе одбележат дека тука бил последниот дом на Владимир Маслов, економист обвинет дека шпионирал за Полска во времето на големите чистки во 1930-те и потоа егзекутиран.

Воена парада по повод 80-годишнината од победата во битката за Сталинград во Втората светска војна Воена парада по повод 80-годишнината од победата во битката за Сталинград во Втората светска војна 
Воена парада по повод 80-годишнината од победата во битката за Сталинград во Втората светска војна

Државата, Кремљ и владата, се држеше настрана од овие одбележувања на годишнината од смртта на Сталин во 1953. Без оглед што Големата патриотска војна (како што во Русија се нарекува Втората светска војна) е една од клучните алки на власта во времето на војната во Украина за да покаже идентификација во судирот што ја предизвика руската инвазија. Иако Владимир Путин одамна изјави дека „распадот на Советските Сојуз е една од најголемите геополитички катастрофи“, тој повеќе сака да се идентификува со царевите отколку со советските лидери. Кога лани на 24 февруари Русија изврши инвазија на Украина, целото високо раководство на Кремљ дозна за тоа од телевизиското обраќање на Путин. Министерот за надворешни работи,

Сергеј Лавров, беше привилегиран да дознае за тоа во раните утрински часови на 24 февруари.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски

 

Тројцата „советници“ на Путин

Подоцна истиот ден олигарсите беа викнати во Кремљ за Путин лично да им го образложи потегот. „Сите беа целосно загубени“, му кажа на „Фајненшел тајмс“ едно лице што присуствувало на собирот. Британскиот весник во истражувањето што беше објавено пред извесно време, наведува дека еден од олигарсите го прашал Лавров како Путин можел да планира толку огромна инвазија во толку мал круг – особено што повеќето високи функционери во Кремљ, рускиот економски кабинет и нејзината деловна елита не веруваа дека тоа е можно. „Тој има тројца советници: Иван Грозни, Петар Велики и Катерина Велика“, му одговорил Лавров на олигархот.

 

Рускиот претседател Путин (л.) претседава со Советот за безбедност во Кремљ
Рускиот претседател Путин (л.) претседава со Советот за безбедност во Кремљ

Ако е така со советниците, тогаш зошто Сталин се повикува од гробот да ѝ помогне на Русија во војната која влезе во тринаесеттиот месец и нема никакви предвидувања дека би можела скоро да заврши? Можеби одговорот лежи во погрешниот план за инвазија на Путин, во кој руските трупи требаше да го заземат Киев во рок од неколку дена во брилијантен, релативно бескрвен блицкриг. Наместо тоа, војната се покажа како мочуриште од историски размери за Русија. Кога има војна од историски размери, тогаш повикувањето на Сталин, кој победи во гигантскиот воен судир, би требало да се повика напомош, па и без да споменува неговото име. Путин и врвната номенклатура се внимателни да не го споменуваат Сталин по име бидејќи тој е фигура која и натаму длабоко го дели општеството. Но како што забележа поранешниот советник на Кремљ, Сергеј Марков, во својата објава на Телеграм повикувањето на Сталин не е поврзано со идеологија: „Ако Русија продолжи да трпи неуспеси во Украина, Сталин ќе стане главна тема“

Тогаш, зошто и како цути култот на Јосиф Сталин? Зошто Волгоград на еден ден, на денот кога беше извојувана победата во епската Сталинградска битка, беше преименуван во Сталинград и на советскиот диктатор му беше подигнат нов споменик?

Времињата на перестројката на Михаил Горбачов изгледа дека се целосно заборавени во Русија. Или пак државната пропагандна машина прави сѐ тие да бидат избришани од меморијата. Од средината на 1980-тите веќе не беше табу тема да се зборува за Гулагот, за страшниот терор во кој беа убиени милиони луѓе во името на светската иднина на црвениот режим. Тогаш беше основата руската група за човекови права „Меморијал“, која лани ја доби Нобеловата награда за мир.

„Меморијал“ беше основан во последните години од комунистичкото владеење на Горбачов. Нејзиниот прв претседавач беше советскиот дисидент, нобеловецот Андреј Сахаров. „Меморијал“ се етаблира како клучен столб во граѓанското општество, борејќи се за зачувување на споменот на жртвите на комунистичките репресии и водеше кампања против кршењето на правата поврзани со бруталните војни на Русија во Чеченија и пошироко. Групата одржуваше огромна архива на злосторства од советската ера и ги преиспитуваше официјалните наративи кои ги обелоденија ужасите извршени за време на Јосиф Сталин, но покажа загриженост и за современите прекршувања на правата со покренување правни случаи против руските платеници во Сирија.

Борците за граѓански права Андреј Сахаров и Јелена Бонер
Борците за граѓански права Андреј Сахаров и Јелена Бонер

„Меморијал“ треба да се избрише од меморијата

Но нејзината работа веќе беше вознемирувачка за Кремљ. Таа можеше да се формира во времето на комунистичката власт на Михаил Горбачов, но не можеше да продолжи со истражувањата за кршењето на човековите права во подоцнежните години на владеењето на Владимир Путин. На крајот на 2021 со судска одлука беше распуштена, а лани есента беше затворена и ликвидарана со ознаката „странски агент“.

„Исчезнувањето на ‘Меморијал’ во Русија ќе стане симбол на длабок морален пад и дефинитивно симболично отуѓување на рускиот човек од цивилизацијата на 21. век“, рекоа десетици истакнати руски личности во отворено писмо. „Раните, кои не зараснаа во текот на 30-те постсоветски години, повторно крварат“.

„Меморијал“ беше ставен во владиниот регистар на „странски агенти“ уште во 2015 година, една година по анексијата на Крим и почетокот на конфликтот во Донбас. Ознаката „странски агент“ има мрачна конотација од советската ера, најмногу од времето на Сталин, и бара од поединци или групи да ги откријат изворите на финансирање и да ги означат сите публикации – вклучително и објавите на социјалните мрежи – со ознака. Последнава година опсегот на „странски агент“ се прошири драматично, па вчера како таков беше означен и познатиот економист Сергеј Гуриев. Според Министерството за правда, Гуриев, ја заслужил етикетата „странски агент“ затоа што „учествувал во создавањето и дистрибуцијата на материјали на странски агенти до неограничен круг луѓе“, а исто така се изјаснил против војната во Украина. Гуриев ја напушти Русија во 2013 година и сега е проректор на познатиот институт за политички науки Sciences Po во Париз.

Гуриев е само еден од стотиците, ако не и илјадници луѓе кои се означени како „странски агенти“ во најдобриот манир на наследството на Сталин. Меѓу нив се новинари, опозициски политичари, научници, активисти, обични луѓе што протестираа против војната. Сите независни медиуми се затворени, а оние што и натаму продуцираат содржини, тоа го прават од некои од соседните земји, собено од Балтикот.

 

Разликите меѓу путинизмот и сталинизмот

Иако методите за владеење се по сталинистички образец, има големи разлики меѓу путинизмот и сталинизмот. Иако никој немал толку голема власт во Русија од 1953 година. Во времето на Сталин имаше екстремна мобилизација на општеството во рамките на една идеја која доживеа своја кулминација за време на Втората светска војна. Сегашната војна во Украина ни оддалеку нема таква мобилизација, иако има мобилизирани луѓе да се борат на украинскиот фронт. А дури 700.000 Руси ја напуштија земјата за само два-три месеци кога лани во септември почна мобилизацијата. Можеби повеќето немаат ништо против владеењето на Путин, но не сакаат да бидат искористени во неговите империјални аспирации. Општеството, всушност, е демобилизирано. Повеќето луѓе мислат дека најважно е да се живее добро, да се фокусираат на личниот живот и да избегнуваат вмешување во политиката. Анкетите велат дека војната во Украина се поддржува, а во исто време се посакува нејзиниот крај, затоа што таа им донесе екстремни ограничувања, невидени санкции од Западот, неможност за патувања по омилените дестинации во странство и, веројатно, најважното, не е целосно јасна нејзината крајна цел, освен завладување на теориториите за кои Путин тврди дека се историски посед на Русија.

Антивоен мурал во Гдањск, ПолскаАнтивоен мурал во Гдањск, Полска
Антивоен мурал во Гдањск, Полска

Стивен Коткин, еден од најдобрите пручувачи на руската историја и професор на Универзитетот Принстон, чие ремек-дело е биографијата на Јозеф Сталин, вака ја објаснува разликата меѓу путинизмот и сталинизмот во разговорот за магазинот „Њујоркер“:

„Војната обично е погрешна пресметка. Се заснова на претпоставки кои не се совпаѓаат, работи за кои верувате дека се вистинити или сакате да бидат вистинити. Се разбира, ова не е ист режим како оној на Сталин или на царот. Имаше огромна промена: урбанизација, повисоки нивоа на образование. Светот надвор е трансформиран. И тоа е шокот. Шокот е што толку многу работи се променија, а сепак сè уште ја гледаме оваа шема од која тие не можат да избегаат.

Имате автократ на власт – а сега дури и деспот – кој сосема сам ги донесува одлуките. Дали тој добива информации од другите? Можеби. Не знаеме како изгледа одвнатре. Дали обрнува внимание? Не знаеме. Дали му носат информации што не сака да ги слушне? Тоа изгледа малку веројатно. Дали мисли дека знае подобро од сите други? Тоа изгледа многу веројатно. Дали тој верува во сопствената пропаганда или во сопствениот конспиративен поглед на светот? Тоа, исто така, изгледа веројатно. Ова се претпоставки. Многу малку луѓе разговараат со Путин, било Руси или странци.

И затоа мислиме, но не знаеме, дека тој не ја добива целата палета на информации. Го добива она што сака да го слушне. Во секој случај, тој верува дека е супериорен и попаметен. Ова е проблемот на деспотизмот. Затоа деспотизмот, па дури и авторитаризмот, е семоќен и кршлив во исто време. Деспотизмот ги создава околностите на сопственото поткопување. Информациите се влошуваат. Сикофантите стануваат сѐ побројни. Корективните механизми стануваат сѐ помалку. А грешките стануваат многу поконсеквентни“.

Како и да е, наративот од големата победа во Втората светска војна ѝ носи некаков легитимитет на воената машинерија на Путин – Русија во битка со злобниот Запад кој сака да ја растури и уништи земјата. Како што тоа сакаше да го направи нацистичка Германија. Затоа и друг резултат освен победа во Украина не може да се замисли во Кремљ. Според образецот на Сталин, а не според сеќавањата за срамната воена авантура во Авганистан.

Љупчо Поповски

Извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close