Стан од 50 квадрати продаден за 168.000 евра во Центар

Над 625 милиони евра изнесува вкупната вредност на купопродажбите на недвижности во Македонија во првата половина од 2026 година, што претставува раст од 21,3 отсто во однос на истиот период лани.

Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат дека во првите шест месеци биле реализирани 16.126 трансакции, од кои 11.395 купопродажби и 4.731 закупи. Во споредба со првата половина од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 2,2 отсто.

Во однос на првата половина од 2024 година, кога вредноста на купопродажбите била 446,9 милиони евра, растот достигнал 40 отсто. Најактивен месец бил април со 2.902 трансакции, а најмал број е регистриран во јануари – 2.246.

Од вкупниот број купопродажби, 9.369 се продажби на недвижности, 1.718 се продажби од инвеститор, 281 се откупи од државата, а 27 се продажби на лицитација.

Становите се на врвот според бројот на купопродажби, со 3.746 трансакции, односно 32,9 отсто од вкупниот број. Речиси ист удел имаат земјоделското земјиште и шумите, со 3.703 купопродажби или 32,5 отсто.

Потоа следуваат куќите со 1.424 купопродажби и градежното земјиште со 1.366. Овие четири категории заедно сочинуваат 89,9 отсто од сите купопродажби. Деловните простори имаат 485 купопродажби, гаражите 354, останатите недвижности 282, а индустријата 35.

Кога станува збор за вкупната вредност, становите повторно се на прво место со 289,1 милиони евра. Куќите достигнале 101 милион евра, деловните простори 98,3 милиони, а градежното земјиште 52,6 милиони евра.

Кај земјоделското земјиште и шумите се реализирани купопродажби вредни 39,9 милиони евра, кај индустријата 21,5 милиони, кај останатите недвижности 20,9 милиони, а кај гаражите 2,4 милиони евра.

Најголем раст на вредноста во однос на лани е забележан кај деловните простори, каде што прометот пораснал за 80,7 отсто – од 54,4 на 98,3 милиони евра. Единствено кај земјоделското земјиште и шумите има намалување, од 41,7 на 39,9 милиони евра, односно 4,3 отсто.

По општини, Аеродром има највисока вредност на купопродажбите – 83,8 милиони евра, со раст од 75 отсто. Следуваат Центар со 78,3 милиони и Карпош со 62,8 милиони евра. Во Гази Баба вредноста достигнала 53,6 милиони евра.

Најголем процентуален раст има Гостивар со 81 отсто, пред Куманово со 77 отсто, Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто и Бутел со 64 отсто. Пад е регистриран во Струга од 24 отсто, Тетово 21 отсто, Струмица 17 отсто и Кисела Вода 16 отсто.

Во Центар е евидентирана и највисоката цена на станбен простор – 206.640 денари, односно околу 3.360 евра за квадратен метар. Станот има 50 квадратни метри, а е продаден за 168.000 евра.

Највисоката цена за куќа достигнала 1,5 милиони евра во Карпош, додека најскапиот деловен простор е продаден во Аеродром за 6.798.924 евра.

Просечната цена на становите од стара градба била највисока во Центар – 1.547 евра за квадратен метар, потоа во Аеродром со 1.532 и Карпош со 1.523 евра. Кај становите од инвеститори, највисока просечна цена има во Центар – 1.712 евра, потоа Карпош со 1.167 и Ѓорче Петров со 1.062 евра за квадратен метар. Најниски просечни цени се регистрирани во Струмица – 719 евра за квадрат кај стара градба и 689 евра кај становите од инвеститори.

 

Back to top button
Close