Станарите од „Џевахир Скај Сити“ загрижени за контролите на противпожарниот систем во објектите

Станарите на станбениот комплекс „Џевахир Скај Сити“ во Скопје алармираат за сериозни и загрижувачки сомнежи во начинот на спроведување на контролите на противпожарниот систем во објектите со кои управува фирмата за станбено управување „Хауз Мајстор Плус“.

Тие во реакција до медиумите известуваат дека на 30 март годинава, управителот поставил известување дека на 1 април ќе се спроведе тестирање на противпожарниот систем во трите кули со коишто управува фирмата „Хауз Мајстор Плус“, како и проверка и мерење на притисокот на противпожарните апарати по катовите.

Истовремено, уште истиот ден, на сите противпожарни апарати во кула Д (објект од 40 ката со 400 станови) биле поставени нови контролни лепенки со кои се потврдува дека опремата е „исправна“, со датум на извршена контрола 08.04.2026 година, датум кој во моментот на поставување на лепенките сè уште не беше и не е настапен.

Со други зборови, се поставуваат контролни ознаки за исправност со невалидни датуми, што сериозно ја доведува во прашање веродостојноста на спроведените проверки и реалната функционалност на системот, реагираат загрижените станари.

Велат дека ризикот е особено сериозен ако се има предвид дека истиот управител управува со три од четирите кули во комплексот, што значи дека потенцијално се засегнати над 1.000 станбени единици и повеќе од 2.000 граѓани.

„По претходно спроведени проверки иницирани од станарите по трагичниот пожар во Кочани, до денес не е доставен никаков официјален извештај за состојбата на системот, и покрај повеќекратните барања од страна на нас станарите. Само неколку недели по тие проверки, во кула Д се случи пожар во стан, при што системот за детекција и алармирање не сигнализираше до централната единица кај обезбедувањето во кулата.

Во вакви услови, оправдано се поставува прашањето: дали противпожарниот систем воопшто е функционален и дали животите на илјадници граѓани се оставени на формалност наместо на реална заштита. Ова не е само административен пропуст, туку сериозен безбедносен ризик за нас станарите.

Во соопштението до медиумите ги наведуваат следните барања:

– итна и независна инспекциска контрола од институциите на целиот противпожарен систем во кулите управувани од Хауз Мајстор Плус

– утврдување дали навистина се спроведени означените проверки,

– доставување на официјални извештаи до станарите и

– утврдување на одговорност во случај на пропусти од страна на фирмата управител и фирмата најмена за вршење на испитувањето.

Сметаме дека станува збор за прашање од јавен интерес кое директно се однесува на безбедноста на граѓаните и бараме итно внимание и реакција“ – се нагласува во реакцијата на станарите на комплексот „Џевахир Скај Сити“.

Back to top button
Close