Станковска Ристовска: Секогаш постои ризик од повреди при гасење пожари, луѓето да не се изложуваат на опасност
Раководителката на подружницата на „Национални шуми“ Куманово, Катица Станковска Ристовска која беше повредена при интервенција на пожарот во село Длабочица во општина Старо Нагоричане, е во добра состојба откако и беше изведена хируршка интервенција.
Таа и тринаесет вработени заедно со пожарникарите од ТППЕ Старо Нагоричане го гасеа пожарот на ова подрачје на непристапен терен. Станковска Ристовска во изјава за МИА појаснува дека во четвртокот со екипата на кумановската подружница уште во раните утрински часови заминале од Куманово кон Старо Нагоричане. Како одговорно лице секогаш сум, вели таа, со своите вработени за да им дадам морална поддршка.
– Обично како и секогаш тргнуваме рано, пред зори, додека е постудено. Купивме храна, вода, сок за нас и пожарникарите. Се приближиме до местото каде беше видлив огнот. Екипите се упатија надолу. Се приближив и јас, се лизнав, паднав и почувствував болка во ногата. Сфатив дека сум повредена, повикав помош, дојдоа колегите, ме транспортираа со носилки, а потоа и до возило до местото каде што можеше да пристигне екипа на Итна помош која многу брзо стигна, иако, Куманово е пооддалечено. По транспортот и пружената прва помош ме префрлија на хирургија каде лекарите дадоа сè од себе. Благодарна сум и на медицинскиот и на менаџерскиот тим на општа болница Куманово, изјави Станковска Ристовска.
Таа по операцијата на скочниот зглоб се чувствува добро. Денеска апелираше сите да внимаваат, совесно да се однесуваат кога се во прашање пожарите.
– Не само што горат шумите постојано, нашите екипи, пожарникарите се во ризик. Сите треба да бидат свесни дека во пожарите може да има повредени. Вработените од шумско стопанство, пожарникарите, волонтерите, вдишуваат чад, се движат по опасни терени, постои реална закана да се повредат, па дури и да настрадаат. Апелирам да не се изложуваат луѓето на ризик, природата да се чува, да ги заштитиме нашите блиски, повика Станковска Ристовска.
Пожарот во Длабочица избувна на 3 јули, годинава околу 13 часот. Екипите на „Национални шуми“ и на ТППЕ Старо Нагоричане го гасеа и дежураа повеќе од 50-тина часа. Во пожарот изгоре мешана борова и дабова шума. Поради непристапниот терен, екипите мораа да се движат и со грбни пумпи да гасат.
Заменик на генералниот директор, Кире Михаилов кажа дека во интервенцијата било вклучено како логистичка поддршка и месното население.
– Благодарен сум на сите, на нашите вработени како Катица, луѓето кои ги жртвуваат здравјето и животот за доброто на Македонија и нејзините граѓани. Оваа слика нека одекнува во мислите на секој оној кој намерно или ненамерно ќе запали оган и ќе предизвика пожар. Колеги, „вашата храброст најчесто се граничи со лудост – напишав пред некој ден, а сега повторно гласно ги повторувам тие зборови кои се однесуваат не само на Катица, туку на сите наши колеги од ЈП „Македонски Шуми“. Тоа се зборови кои се однесуваат и на сите колеги од противпожарните единици, од МВР и шумската полиција, зборови кои се однесуваат за сите вработени во која било од институциите, доброволци и граѓани кои на кој било начин учествуваат во справување со овие и сите непогоди кои и се закануваат на нашата татковина и нашите сограѓани, напиша Михаилов кој заедно со директорот на болницата ја посети повредената колешка, инаку самохрана мајка.
Екипите на Национални шуми дежураа на пожарот во Длабочица и наредниот ден проверувајќи ги стеблата и вегетацијата за да не дојде до повторно разгорување на огнот. Пожарите се предизвик за сите, за луѓето на терен, последиците индиректно ги чувствуваат граѓаните, штетите се милионски. Обновата на шумите трае од три до четири децении, последици има врз биодиверзитетот, се уништува плодноста на почвите, пожарите го зголемуваат и аерозагадувањето.
Фото: МИА, МИА Архива, ТППЕ Старо Нагоричане, ФБ, Кире Михаилов