Становите што се продадоа не се мои. Груевски лут на новинарите,не им бил симпатичен и затоа пресудите против него биле за нив „правда“

„Во Македонија постои двојна аршини за судството – кога некому не му одговара одлуката, тоа е корумпирано и партизирано судство со 2% доверба. Кога одлуката одговара на нечии интереси, тогаш одеднаш станува швајцарски модел на правда“, пишува поранешниот премиер Никола Груевски од Будимпешта.

Повод за неговата реакција е продажбата на станови што беа запленети во случајот „Плацеви на Водно“. Тој тврди дека никогаш не бил сопственик на становите што ги продава државата и дека нема никакви докази ниту сведоштва што го поврзуваат со нив.

„Ниту еден од тие пет стана не бил на мое име, ниту на мој близок. Нема уплати, договори, разговори, сведоци – ништо. Но, судот, под притисок од Зоран Заев, ги одзеде од двајца бизнисмени за да се конструира случај против мене.“

Груевски наведува дека обвинителството се потпирало на непотврдени изјави, како наводниот коментар на Сашо Мијалков дека становите „можеби се за Никола“. Според него, се работи за политичка конструкција, за која „некои сведоци биле уценети да зборуваат, само за да избегнат кривична одговорност“.

„Во нормална држава, со вистинско судство, ова не би било можно. Но кај нас судат врз основа на претпоставки. Без доказ, без следење на парите, без сведоци. А медиумите, наместо критички да се запрашаат, ја пренесуваат пресудата како да дошла од Цирих, а не од судот во Скопје.“

Тој ги обвинува дел од медиумите и аналитичарите за селективно верување во судските пресуди, во зависност од политички или бизнис интереси.

„Ако судот пресуди против некој што не им е симпатичен, веднаш е „правда“. Ако не им одговара – тогаш е „нарачка“. Таквата неконзистентност ја уништува секоја шанса за правна држава“, вели Груевски.

На крајот, порачува дека притисоците на СДСМ и Заев врз обвинителството и судството се документирaни, и ги спомнува изјавите на Вилма Русковска за политички нарачани гонења.

Back to top button
Close