Стариот келнски антиквар како интернет-ѕвезда

Огромните полукружни прозорци во раскошната фасада на старата високограѓанска зграда (висока средна класа, н.з.), бојадисана со бордо-црвена и бела боја, со чудесно убави железни украси на вратите во „Југенд-стил”, се првиот знак за минувачот кој уште од далеку го чита знакот на старите градби: дека тие во формата на своите окна го чуваат живо и изминатото време. А каде другаде би било сочувано изминатото време, ако не во старите книги? На тоа помислува минувачот што ќе ја премине улицата и ќе се загледа во приземјето на „старата архитектонска дама”, за да остане маѓепсан од глетката што пред него ја отвораат големите полукружни прозорци-витрини во антикварницата во приземјето. Илјадници книги, уредно положени во полиците високи до таванот. А таваните во ваквите граѓански вили се често високи до 4,5м! Навистина нема поубава кулиса од оваа градба за „Антикварницата во Вајертал“ (Das Antiquariat im Weyertal). Во петокот бев во улицата „Вајертал” (Weyertal), во келнскиот кварт Зилц (Sülz), овојпат само минувајќи крај антикварницата, одејќи кон исто толку познатиот келнски дуќан за италијански специјалитети во една од соседните куќи. Со италијанските таверни и француските бистроа, во кои во пролет со часови седат студенти и ученици од блиските гимназиии и од универзитетот, секогаш, барем и за миг, го помирисувам мирисот на Париз и на Рим. Првпат во оваа антикварница случајно заталкав пред петнаесет години, кога во истата улица трагав по продавница со керамика од Казабланка. Антикварот, тогаш човек во доцните шеесетти, читаше во совршен спокој и го оставаше и посетителот спокојно и долго да трага во регалите високи до таванот, а одговараше само кога ќе беше запрашан. Неодамна дознав дека се викал Клаус Вилбранд (Klaus Willbrand). Пред да стане антиквар, работел во една келнска издавачка куќа, а антикварницата ја отворил пред дваесет години, откако се пензионирал.

Најинтересното нешто во оваа приказна е на кој начин овој келнски антиквар, целосно повлечен во тихоста на светот на старите книги, преку ноќ станал славен на социјалните мрежи? Толку славен што на веб-страницата на германскатa издавачка куќа, „Зуркамп” (Suhrkamp Verlag), денес има страница на која се сите видеа со Клаус Вилбранд во кои тој препорачува автори чии дела се објавени кај „Зуркамп”. Приказната започнала три години по средбата на еден пазар на старини во центарот на Келн на младата авторка и поранешна уредничка во една келнска издавачка куќа, Дарија Разумович (Daria Rasumovych) и Клаус Вилбранд. Таа таму, на неговиот штанд, ги купила првите два тома од „Во потрага по изгубеното време” на Марсел Пруст. Тој ја поканил да го посети во антикварницата во Вајертал, што таа го сторила по три години, а од тој миг почнало несекојдневното пријателство на двајца луѓе од две потополно различни генерации, но со иста голема љубов за книгите.

Таа раскажува дека тие можеле да останат во разговор за литературата по неколку часови. Пандемијата направила антикварницата на Вилбранд на почетокот на 2024-та да се најде пред банкрот. Тогаш речиси сета продажба на книги одеше онлајн, најмногу преку гигантите како Амазон. За да му помогне, педесет години помладата вљубеничка во литературата го убедила стариот антиквар дека интересот кај луѓето за неговите книги може да се разбуди само преку социјалните мрежи – Тикток, Инстаграм и Јутјуб. И тоа преку видеа во кои тој ќе раскажува за значењето на книгите. Уште првото видео станало „вирално” со 10.000 следачи. Со секое ново видео бројот на следачите се зголемувал со огромна брзина.

Кица Колбе

Во видеата стариот антиквар, кој со сета своја појава, со долгата побелена коса, црниот костум и свилениот црвен шал околу вратот, сведочи дека е од едно поинакво време, раскажува со спокоен глас на мудрец, кој фасцинира со своето неверојатно познавање на светската литература. Впрочем, неговата антикварница е посветен на светските класици. Во кратките видеа тој раскажува за секакви теми од литературата. За тоа кои книги би морал да ги прочита секој култивиран човек. Или за тоа зошто Гетеовиот „Фауст” мора да остане школска лектира во германските гимназии. Клаус Вилбранд истовремено објаснува зошто е важно денес да го читаме Клајст и Гете. Дава препораки со кои класици би требало да почнат младите луѓе, доколку сакаат да ги прочитаат. На прашањето кои три книги треба да ги има прочитано секој што сериозно е заинтересиран за литературата, одговорот на Вилбранд е јасен: „Во потрага по изгубеното време” на Марсел Пруст, „Улис” на Џејмс Џојс и „Процес” на Франц Кафка.

Видео-проектот ја спасил неговата антикварница од банкрот, затоа што одеднаш добил нарачки од многу земји. Младата Разумович со тоа му помогнала на осумдесет и двегодишниот антиквар да стане култна личност на социјалните мрежи, токму со неговото неверојатно познавање на литературата, а со тоа ја спасила неговата антикварница. Тие започнале и со онлајн-продажба, нудејќи „пакети” со книги по избор на стариот антиквар. Запрашан во едно интервју дали ги видел вообичаените прилози за книги на Инстаграм, Вилбранд одговара дека тие биле такви, што никој не би посакал да чита книги. Тој, пак, не бил „дигитален” човек, туку целосно „аналоген”: класичен читач на книги, постојано восхитен од нивната магија, која била и во мирисот и во допирот на хартијата.

Можеби токму затоа што така зборувал за книгите, тој успеал да инспирира многу луѓе да читаат. Од искуството со млади луѓе кои ги виделе неговите видео-препораки и дошле во антикварницата, тој сознал дека младите луѓе се многу пољубопитни за литературата, отколку што вообичаено се мисли за нив. Тие сакале да дознаат од него многу нешта за класичната литература. Тој раскажува за двете деца на дванаесет години, кои никогаш дотогаш не прочитале некоја книга од големите класици, и дошле во неговата антикварница за да им каже со кој автор да почнат. Ученици од блиските келнски гимназии „бегале” од часови, за да дојдат во неговата антикварница. Едните ја држеле скалата, додека другите барале сѐ до највисоките полици по книгите што сакале да ги прочитаат. А тие сигурно долго се качувале и се симнувале од скалата во антикварницата на Клаус Вилбранд, во која се наоѓаат 25.000 книги. Ученици од осмо одделение напишале реферат за него и за неговата антикварница, користејќи ги информациите од интервјуто со него во „Зиддојче цајтунг” од ноември 2024-та. Две тринаесетгодишни девојчиња долго се „врткале” низ антикварницата, не осмелувајќи се да му се обратат. Кога ги прашал дали може да им помогне, му рекле дека сакаат да направат „селфи” со него. Тоа сигурно било неверојатно искуство и за дотогаш осамениот антиквар, но и за девојчињата кои се восхитувале на илјадниците книги кои тој ги прочитал.

Овој ефект од дигиталната присутност на стариот келнски антиквар на интеренет не останал незабележан од германските издавачи. Само неколку несеци откако Вилбранд и Разумович ја започнале рекламата на книгите на социјалните мрежи, германската издавачка куќа С.Фишер (S. Fischer Verlag) им понудила заедно да напишат книга во која ќе го опишат својот потфат, но, освен тоа, стариот антиквар ќе раскажел за својот живот, посветен во целост на книгите. Книгата требало да биде интересна и за познавачите на литературата, но и за корисниците на социјалните мрежи, кои преку видео-препораките и приказните за литературата на Клаус Вилбранд првпат добиле желба да читаат класична литература. На тој начин, нивното дигитално искуство повторно се преобразило во „класична” книга, истакнува во едно интервју Дарија Разумович. Така настанала книгата „Просто литература” („Einfach Literatur”) која излезе од печат кај „С.Фишер” во јуни 2025 година, само четири месеци по смртта на славниот келнски антиквар во јануари, на 83 години.

Тој беше роден 1941 во Есен, а го учеше занаетот на книжарството во Келн, кај прочуениот келнски книжар „Вич”( Witsch). Само неколку месеци по излегувањето, книгата е бестселер. Волшепството на книгите, во чиј чудесен свет живеел стариот келнски антиквар, го познава секој за кого животот е незамислив без книги. (Dw)

Кица Колбе

 

Back to top button
Close