Стариот парламент поука за новиот

Очекувањата се парламентот што поскоро да биде конституиран. Минатиот одбележа неславен рекорд: процесот траеше 152 дена, а беше одбележан со „крвавиот 27-ми април“, пишува Дојче веле.

Денеска во 12 часот ќе се отворат вратите за десетиот парламентарен состав од осамостојувањето на земјата. Каква е неговата „лична карта“? На предвремените парламентарни избори одржани на 15-ти јули, Коалицијата на СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА.

Просечната возраст на новоизбраните 120 пратеници е 45 години. Во собраниските клупи ќе седнат 77 пратеници и 43 пратенички, што покажува дека не е намален родовиот јаз и дека дел од партиите не го надминаа законскиот минимум според кој на кандидатските листи мора да има една третина жени. За илустрација, во претходниот состав на парламентот имаше 45 пратенички.

Во однос на возраста, 16 од новите пратеници имаат помеѓу 23 и 35 години. Најмлада пратеничка е 23- годишната Артина Ќазими студентка од гостиварски Добри Дол, која доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, а 72 години имаат нејзините највозрасни колеги – Стојан Миланов од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Илија Николовски од коалицијата на СДСМ.

Новиот состав на парламентот може да се смета за прилично „подновен“ со оглед дека има само 28 пратеници од стариот состав.

Оваа констелација нема да остане иста, бидејќи по формирањето на Владата дел од пратениците од законодавната ќе се преселат во извршната власт. Пратениците Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ ќе го почнат седмиот мандат во Собранието.

Партиите воздржани за плановите

Денешната конститутивна седница, која ќе се одржи под посебни протоколи за заштита од Ковид -19, има има четири точки на дневниот ред: Избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието; верификација на мандатите на пратениците; избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици во собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата; и избор на претседател на Собранието.

Но, денеска е тешко да се очекува избор на претседател на Собранието, со оглед дека таа функција е дел од политичкиот договор меѓу партиите што ќе обезбедат мнозинство за формирање на влада. Тој процес на разговори формално ќе започне од денеска, а партиите вешто ги кријат адутите со кои се надеваат дека ќе стигнат до таа цел.

Претседателот Стево Пендаровски според Уставот е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот потоа има рок од 20 дена да формира влада. Пендаровски завчера изрази очекување што е можно побрзо да се конституираат новото Собрание и новата влада.

Било, да не се повтори

Такви се и очекувањата на демократската јавност, имајќи ги предвид лузните во општеството од епизодите при конституирањето на претходниот состав на парламентот. Конститутивната седница беше започната и прекината на 30-ти декември 2016 година, и практично започна на крајот од март, имаше 21 продолжение и заврши дури на 31-ви мај 2017 година.

Покрај фактот што тој процес траеше 152 дена и стана најдолгата конститутивна седница во историјата на парламентот, Собранието го доживеа и „крвавиот 27-ми април“, денот кога беше извршен насилен упад во Собранието по изборот на Талат Џафери за негов претседател. Таа конститиутивна седница заврши дури на 31-ви мај со изборот на Комисијата за избори и именувања, и продолжи со избор на новата Влада.

Back to top button
Close