Стармер преговара со европските сојузници за испраќање војници на Гренланд
– Британскиот премиер Кир Стармер е во преговори со европските сојузници за распоредување воени сили на Гренланд, со цел да се ублажат безбедносните стравувања поради американскиот претседател Доналд Трамп и да се спротивстави на растечката закана од кинеската и руската армија, објави денеска извор од британската влада.

Воените команданти прават планови за можна мисија на НАТО на островот, кој американскиот претседател се закани дека ќе го заземе од безбедносни причини, а британските претставници се сретнаа со колеги од голем број земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, во последните денови за да започнат подготовки, изјави извор за „Телеграф“.
Плановите, кои се уште се во рана фаза, би можеле да вклучуваат распоредување британски војници, воени бродови и авиони за заштита на Гренланд од Русија и Кина, при што европските земји се надеваат дека значителното зголемување на нивното присуство на Арктикот ќе го убеди Трамп да се откаже од својата амбиција да го анектира стратешки важниот остров.






