СТАРОТО НОРМАЛНО
„Ако барате начин да ја напаѓате Владата за нешто што не се се случило, тогаш може и да измислуваме работи“, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање како за стопанисување на паркингот во Клиничкиот центар е избрана фирма од Албанија?
Кој измислува? Неговиот министер за здравство Арбен Таравари, кој кажа дека на тендерот е избрана фирмата „Ѓоку“ од Албанија што единствена се пријавила на тендерот. Кој ја напаѓа Владата? Неговиот министер Арбен Таравари сам ли си ја напаѓа Владата? Премиерот рече и дека ја разбира потребата од сензација. Кој има потреба од сензација? Арбен Таравари? Па, да. Баш е сензационална неговата изјава дека и зголемената цена од 30 на 50 денари за еден час паркирање во Клиничкиот центар е пристојна во однос на другите паркинзи низ Скопје, на пример, во трговските центри е 60 денари, а некаде и 100, 150 денари. Баш е сензационално кога министер за здравство, башка и лекар, прави споредба на цена на паркинг во Клинички центар и во трговски центар. Дека тие што се болни од рак ептен имаат избор дали ќе паркираат пред продавница или пред Онкологија.
Премиерот Мицкоски рече дека уште не е донесена одлука на Владата дали ќе се потпише договор со фирмата од Албанија што го доби тендерот.
Од министерот Таравари дознавме и дека на други фирми не им било исплатливо да се пријават на тендерот, оти не верува дека „повеќе од седум, осум, еве и 10 години таму ќе остане Клинички центар“.
Чекај, сега. Па нели пред само еден месец директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски рече дека проектот за изградба на нов Клинички центар ќе паузира, оти ни паѓа демографијата и имаме сѐ помалку население? Или, паркингот на Клиничкиот центар не им е влезен во владиниот коалициски договор.
Во огласот е предвидено фирмата што ќе го работи паркингот на државата да ѝ плаќа еден отсто од годишните приходи. Ете, со парите од тие 1 процент ќе се изгради новиот Клинички центар.
Работава е: АПП – Ако помине, помине. Така се одлучува во организирана држава.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК