Стартува Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ

Во Европската куќа во Скопје денеска ќе се одбележи почнувањето на Механизмот за граѓанска отпорност на Европската Унија.

Според најавата од Европска куќа, настанот ќе го отвори шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во државава Штефен Худолин и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, по што ќе се одржи презентација на Механизмот за граѓанска отпорност (МГО) на ЕУ.

МГО е директна поддршка за иницијативите на граѓанското општество во рамките на проектот финансиран од ЕУ „Техничка поддршка за подобрување на овозможувачката средина за граѓанските организации во Република Северна Македонија“. Овој повик за предлози е финансиран од Европската Унија со вкупен расположлив износ од 900.000 евра.

Првпат во земјата, Европската Унија обезбедува ваков механизам за финансирање за директна поддршка на граѓанските организации со цел да им се овозможи ефикасно да се справат со клучните приоритети во нивните локални заедници и да придонесат за реформите во клучните сектори во земјата.

Граѓанскиот механизам за отпорност на ЕУ ќе ги поддржи локалните организации да ги спроведат активностите за навремено одговарање на потребите на нивните сограѓани и зајакнување на отпорноста на граѓаните при зачестени општествени промени.

Back to top button
Close