Став на лингвистите од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје за статусот на македонскиот јазик во преговорите меѓу С Македонија и Бугарија

 

Имајќи ги предвид последните случувања поврзани со можното отворање преговори со ЕУ за членство и со барањата на Бугарија да не се именува нашиот јазик како македонски јазик, туку како официјален јазик на РС Македонија, ние, научните работници во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, се чувствуваме задолжени и обврзани да ги изнесеме јасно и недвосмислено нашите ставови.

1. Кога го имаме предвид јазикот, треба да се осврнеме на Европската повелба на фундаментални права чиј чл. 22 гласи: „Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разноликост.“ Сметаме дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба. Всушност, овој член ги поставува како беспредметни притисоците од Бугарија, но го поставува и прашањето за отсуство на реакција од ЕУ во врска со споменатите притисоци.

2. Во однос на изнесените негаторски ставови од бугарска страна и ставовите дека наводно македонскиот јазик „бил создаден“ во 1944 год. треба да го имаме предвид развојниот процес на македонскиот јазик. Во лингвистиката се прифатени и се научно фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век, од кога може да се следат бројни иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 кон 14 век. Во текот на 19 век во Македонија се јавуваат бројни дејци, кои исцрпно се занимаваат со посебните јазични особености на македонските говори, во споредба со бугарските и српските говори, како што се: Х. Матов, П. Зографски, Е. Спространов, Т. Китанчев и други. Автентичната дејност и јазичен израз на Ѓорѓија Пулевски кој во Речникот од три јазици во 1875 год. пишува: „Наше отачество се велит Македонија и ние се именуваме сл. Македонци“, го отвора патот кон македонското наречје во книгите, речниците и учебниците и кон обработката на историјата во книгата „Славјанско-македонска општа историја“. Кон втората половина на 19 век започнале во Македонија да излегуваат учебници на македонски говори од Димитар В. Македонски, Димитар Хр. Узунов, Кузман Шапкарев, Венијамин Мачуковски и др. и почнале да се отфрлаат бугарските учебници како неразбирливи за учениците. Во 1891 год. е формирана Младата македонска книжовна дружина, која го издава списанието „Лоза“ во кое се употребуваат правописни правила што ги истакнуваат јазичните особености на македонските говори. Вистинска артикулација на идејата за македонски литературен јазик е книгата на Крсте Мисирков, „За македонцките работи“ од 1903 год., во која се изнесени основните критериуми за стандардизација на македонскиот јазик. Преку оваа книга и во списанието „Вардар“, Мисирков ја промовира правописната норма преку фонетската реализација на централните македонски говори. Македонскиот јазик во 1903 год. бил и службен јазик на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петерсбург, на чие чело биле К. Мисирков и Д. Чуповски. Со прифаќањето на основните Мисиркови поставки за стандардизацијата на македонскиот јазик и нивна разработка се заокружи кодификацијата на македонскиот во 1944 год., чија јазична норма беше широко прифатена во сите сфери на општествениот живот.

3. Од историска перспектива, за македонското малцинство е важно да се знае дека во периодот до 1948 се признава македонската нација и Пиринска Македонија, СР Бугарија, при што се постигнува и еден вид културна автономија, реализирана со: изучување на македонскиот јазик и историја, отворање Македонски народен театар во Благоевград (Горна Џумаја), печатење прилози на македонски јазик во „Пиринско дело“ итн. Таквата ситуација траела во изменета форма до 1958 год. кога почнал стриктно да се промовира ставот дека македонска нација не постои, односно дека е тоа бугарска нација, а сето тоа се промовира и преку текстовите на БАН во врска со историјата и со јазикот. Бугарија како членка на ЕУ, сѐ уште, ја нема ратификувано Европската повелба за регионални и малцински јазици. Македонците во Бугарија го употребуваат својот дијалект во секојдневната комуникација, а единствено во Благоевград излегува весникот „Народна волја“, како периодичен весник за историја, култура и уметност, во кој се објавуваат текстови и на македонски стандарден јазик.

Ако ги земеме предвид демократските постулати на ЕУ и потребата од нивно спроведување, Бугарија се поттикнува да ги примени средствата за унапредување на јазичните права на малцинствата, поточно: Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Европската повелба за регионалните или малцинските јазици на ЕУ, Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата против дискриминација во образованието на ООН.

4. Оттука, за македонските лингвисти, како и за сите Македонци, без разлика дали се државјани на Република Македонија или не се, е неприфатлива и синтагмата „македонски јазик според Уставот“, затоа што македонскиот им припаѓа на оние што го зборуваат, како што е, всушност, со сите други јазици во светот. Синтагмата „македонски јазик според Уставот“, е бесмислена самата за себе и не соодветствува на општествените законитости. Зашто, за да постои еден јазик не му е потребен устав. Современиот македонски јазик ги опфаќа сите негови пројави, и стандардната варијанта, и разговорните варијанти, но и дијалектните, од коишто, всушност, е произлезен стандардниот јазик. За разлика од стандардниот јазик, за дијалектните варијанти на македонскиот јазик, кои се протегаат и надвор од границите на Република Македонија: во егејскиот дел во Република Грција, во пиринскиот дел во Република Бугарија, во малопреспанскиот крај, Голо Брдо и Гора во Република Албанија и во неколку села во горанскиот крај во Косово – не е потребен устав. Неоспорни се фактите за протегањето на македонскиот дијалектен ареал, потврдени од врвни дијалектолози, и Македонци и странци, врз база на научни докази и факти. Притоа, не треба да заборавиме дека имаме и голема македонска дијаспора што го зборува и изучува македонскиот јазик во многу земји во светот, каде што владее правото и демократијата. Затоа, прифаќање на „договори за добрососедство“, „анекси“ и сл., во кои македонскиот јазик ќе биде заменет со синтагми од типот „официјален јазик на РС Македонија“ или „македонски јазик според уставот“ се неприфатливи, бесмислени и самоуништувачки, и нема да бидат на штета само на Македонците во Република Македонија, или надвор од неа туку ќе бидат и на штета на сите говорители на македонскиот јазик.

Имајќи го предвид сево ова, упатуваме апел до преговарачите од македонската страна да не прифаќаат разговори за категории, како јазик, нација и историја, за кои не може да „се преговара“ и да ги чуваат македонските државни и национални вредности, како и идентитетските обележја.

асистент-истражувач м-р Христина Андоновска

проф. д-р Наталија Андријевска

проф. д-р Симона Груевска-Маџоска

проф. д-р Олгица Додевска-Михајловска

проф. д-р Александра Ѓуркова

проф. д-р Елка Јачева-Улчар

вонр. проф. д-р Мери Јосифовска

проф. д-р Веселинка Лаброска

проф. д-р Лилјана Макаријоска

вонр. проф. д-р Весна Миовска

доцент д-р Снежана Петрова-Џамбазова

проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова

проф. д-р Лидија Тантуровска

доцент д-р Катица Топлиска-Евроска

проф. д-р Катица Трајкова

проф. д-р Гоце Цветановски

проф. д-р Мери Цубалевска

Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје

 

Back to top button
Close