Ставен под контрола пожарот што синоќа изби во подрумски простории на болница во Атина

Во подрумски простории со картонски кутии со документи и опрема во Општата болница Никеа во Атина, доцна синоќа изби пожар што беше веднаш ставен под контрола, не се прошири на други катови и не беа во опасност пациенти, јави дописничката на МИА од Атина.

Причините за пожарот засега се непознати, според Противпожарната служба избувнал во подрумот, односно на минус вториот кат од објектот, интервенираа 21 пожарникар со седум возила, а пред болницата беше и специјално возило со кран.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис пристигна во болницата, а преку социјалните мрежи информираше дека превентивно бил евакуиран делот за итната помош поради чадот.

– Причината за пожарот засега не е позната, ќе ги чекаме наодите од увидот на секторот за истраги на противпожарната служба. Срдечно ѝ се заблагодарувам на Противпожарната служба за итната интервенција и гаснењето на пожарот. Ниту еден пациент не беше во опасност, превентивно го евакуиравме простор на Одделот за итни случаи за да се избегне чадот, напиша Георгиадис.

Back to top button
Close