Стејт департмент: Израел и Либан се согласија на 45-дневно продолжување на примирјето
Израел и Либан се согласија, по уште една рунда преговори во Вашингтон, да го продолжат прекинот на огнот за 45 дена, објави синоќа Стејт департментот.

Спогодбата следеше по два „многу продуктивни“ дена, а нови разговори беа закажани за 2 и 3 јуни, изјави портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот.
Кревкото примирје меѓу Израел и милитантната група Хезболах, која дејствува од либанска територија, требаше да истече во недела.
„Се надеваме дека овие разговори ќе поттикнат траен мир меѓу двете земји, целосно признавање на меѓусебниот суверенитет и територијален интегритет и воспоставување вистинска безбедност по заедничката граница“, напиша Пигот на социјалните медиуми.
Израел и Либан технички се во војна од 1948 година, кога беше основана еврејската држава. Ова се нивните први директни преговори.






